Пред очите на институциите пропаѓа еден значаен дел од македонското културно историско наследство. Во пожар страдаат или од негрижа се уриваат бисери на староградската архитектура. Старите куќи, кои претставуваат културно богатство и сведочат за историјата, исчезнуваат од картите на македонските градови, објави Призма.
Седејќи покрај капиџикот во собата на горниот кат од раскошната куќа на Тренчови, 72-годишниот Лазо ја раскажува приказната за една од најубавите куќи во сокакот на Врналиите. Се присетува на минатото кога во истата соба седел како дете под автентичната розетна на таванот, помеѓу свежо бојосаните греди, долапите со резба и преубавите касели кои денеска го загубиле сјајот поради негрижата на државата. Тој, неговите браќа и сестри се сопственици кои не смеат ниту клинец да заковаат без дозвола на институциите што се удираат в гради и велат дека е под нивна заштита, но досега за тоа не дале ниту еден денар.
А, цели 49 години во истата соба сè стои на свое место, пеглата на жар, бакарните тепсии, котлите покрај огништето, тавите, дрвената софра, софите за спиење и газиената ламба. Лазо е горд што е сопственик на сите овие предмети, вели тие се моето наследство исто како и оваа куќа стара 150 години, прогласена за заштитена од државата уште од 1964 година.
– Тоа значи дека без согласност на државата не смеам да направам ниту една интервенција. Штиците на чардаците се гнили, дрвената ограда на скалите скапува, се распадна влезната порта, а јас не можам ништо да сторам. Овде, на овие три чардаци, седеле многу велешани и гости од странство, а сега јас се плашам да одам по нив. Исто како што стравувам дека влагата што се појави на камените ѕидови во подрумите може да ја урне куќата. И не можам да го разберам тоа, никој да не ме праша што е потребно за одржување. А јас секој месец морам да издвојам сто евра од мојата скромна пензија за одржување“ – вели Лазо.
Добри за сликање, но не за реставрирање
Поради својот прекрасен изглед и автентичноста, куќата беше дел од спотовите на режисерот Милчо Манчевски како и филмот за Мис Стоун кои го обиколија светот.
– Во нив мојата куќа изгледа велелепно, но не е така кога ќе влезеш во неа. Пред да стигне Милчо Манчевски со камерата, ненајавени стигнаа експерти, а потоа и мајстори. Тие ништо не ме прашаа, туку на ѕидот над портата ставија нов малтер и го варосаа, се качија на покривот и сменија дел од ќерамидите, а за останатите ми рекоа ќе барале спонзори. До денеска не ги најдоа. И тоа е сè што куќата на Тренчови доби од државата до денеска, рече Лазо.
Згора на сè, тој го изгубил и судскиот процес во кој го тужел соседот поради штетата што му ја нанел од поплавата при изградбата на новата куќа. Сега тој ја отплаќа и глобата од две илјади евра. Многу е револтиран и вели дека не му преостанува ништо друго освен куќата на Тренчови да ја продаде или да ја урне.
– Не знам како поинаку да ја наречам освен како тотална негрижа на државата која се прави стопан само кога нејзе и одговара, огорчен е стопанот на куќата.
Со ист проблем се соочува и 67-годишниот Стојан Дончев. Тој бил принуден да се врати во куќата во која се родил за да може колку-толку да ја одржува за да не се распадне целосно. Стара е преку двесте години и се наоѓа веднаш на кејот од левата страна на реката Вардар.
Изградена на карпа, двокатната куќа на Дончови сè уште го одзема здивот на велешани и добронамерните патници. Стојан раскажува како странци застанувале и ја фотографирале, некои дури се интересирале и за нејзината историја. Тој се потсети на минатото кога неговата баба му раскажувала како била изградена. Товари јајца биле потребни за да се изгради. Се користела белката од јајцата и се мешала во малтерот за да го зацврсти, бидејќи тогаш немало цемент.
Денеска многу малку останало од автентичноста на куќата, ги нема повеќе чардаците и мусандрите кои ја краселе. Наместо нив сега се простираат бетонските тераси, кои Стојан морал да ги направи за да не се урне куќата. Фасадата полека се распаѓа, а се уништува и покривот. Единствен белег што потсетува на куќа со стара архитектура е каменото корито во нејзиниот двор, во кое домаќинките во минатото ги переле алиштата.
Прочитајте ја целата истражувачка сторија за состојбата на македонското архитектонско наследство на страницата на Призма.