Претседателот Стево Пендаровски вчера го додели признанието „Повелба на Република Северна Македонија“ на Центарот за балканска соработка „ЛОЈА“, „СОС Детско Село“, Движењето „Полио Плус“, Биба Додева, Ленче Здравкин, Савка Тодоровска и Ристо Донев.
Ваквото признание е доделено за, како што велат од Кабинетот на Претседателот, нивната работа и посветеност со која дадоа огромен придонес за социјализација и остварување на човековите права и слободи на лицата со попречености, за помош и поддршка на обесправените и угнетените, за грижа и воспитување на децата, за подигање на свеста за ракот, за унапредување на родовата еднаквост, за подобрување на меѓуетничките односи, како и за афирмација на нашата земја на меѓународно ниво.
„Препознавајќи ја улогата и значењето на граѓанските организации, како и на поединци кои преку работата во нив, но и самостојно, придонесоа за македонската демократија и македонското општество, денес имаме можност на мал дел од нив да им се заблагодариме доделувајќи им Повелба на Република Северна Македонија“, рече Пендаровски.