Официјални лица во четири региони на Украина под окупација на Москва денеска прогласија победа на нелегалниот референдум за присоединување кон Русија, јавува Радио Слободна Европа.
Русија организираше референдум во четири окупирани региони, кои Украина, западот и Обединетите нации не ги признаваат и додаваат дека е во спротивност со меѓународната право и Повелбата на ОН.
Во изјава украинскиот претседател Володимир Зеленски му порача на Советот за безбедност на Обединетите нации, преку видео порака од Киев дека обидите на Русија за анексија на украинска територија ќе значат дека „нема што да се разговара со овој претседател на Русија“.
Локалното гласачко тело во јужниот регион Запорожје објави дека 93.1% од гласачите се одлучиле за руска анексија по пребројувањето на сите гласачки ливчиња. Се наведува и дека ова е прелиминарен резултат.
Во Херсон, исто така на југ, властите соопштија дека 87.05% од гласачите одлучиле да се приклучат на Русија по завршувањето на пребројувањето на гласовите.
Во источниот регион Луганск, контролиран од про-руските сепаратисти се преброени 91.2% од гласовите, а мнозинството од 98% се за присоединување кон Русија, соопштија локалните власти. Тие наведуваат и дека во Доњецк 99% од граѓаните гласале за.
„Јасно е дека Луганск ќе се врати во руското јато“, изјави Леонид Пашечник, лидер на самопрогласената Народна Република Луганск.
Претседателот Володимир Зеленски изјави дека „Украина ќе ги брани граѓаните во регионите под контрола на Москва“.
„Ќе дејствуваме за да го заштитиме нашиот народ, и во регионот Херсон, и во регионот Запорожје, во Донбас, во моментално окупираните области на регионот Харков и на Крим. Оваа фарса на окупираната територија не може ни да се нарече имитација на референдум“, рече тој во видео пораката објавена на платформата Телеграм.
Обединетите нации во меѓувреме соопштија дека се „посветени“ на „територијалниот интегритет“ на Украина во нејзините „признати“ граници.
Десетици илјади жители веќе ги напуштија овие региони од почетокот на руската инвазија на Украина.
Британското Министерство за одбрана претходно објави дека постои „реална можност“ рускиот претседател да објави анексија на окупираните украински региони кога ќе се обрати во рускиот парламент на 30 септември.
Украина и западот оценија дека Кремљ веќе одлучил за резултатот од таканареченото гласање и ќе го искористи како изговор за незаконско одземање земја.