Пробиен па вратен „Твитер“ профилот на Владата, објавени твитови за криптовалутата „Dogecoin“

Вчера попладнето,  официјалниот „Твитер“ профил на Владата беше пробиен, а профилот беше преименуван во „Тесла“ – според името на компанијата за електрични автомобили. Во кусиот рок, објавени беа и неколку твитови за поддршка на криптовалутата „Dogecoin“. Но набрзо потоа, од „Твитер“ профилот на Владата  избришани беа и твитовите за криптовалутата „Dogecoin“.

Од Владата за Радио МОФ велат дека во последните неколку денови, серија на верификувани „Твитер“ профили биле нападнати од истата „биткоин измама“ кој вчера го нападнал и „Твитер“ профилот на Владата.

„Нападот беше веднаш спречен со промена на лозинките за пристап. Сѐ уште чекаме официјална информација од компанијата „Твитер“ на кој начин е пробиена безбедносната заштитата на и изведен овој напад, со оглед што беа преземени сите безбеносни мерки за заштита на профилот @VladaMK. „Твитер“ профилот на Владата е верифициран профил, со активиран „2 step authentication“ и ги следи сите препорачани безбедносни мерки за заштита од вакви напади“, велат од Владата.

Оттаму додаваат дека во минатото, преку биткоин измамата, успешно била пробиена заштитата и на официјалниот профил на претседателот Обама, Елон Маск, претседателот Џо Бајден, извршниот директор на Амазон Џеф Безос и други, при што ни беше испратен и овој линк.

Информацијата за пробивањето на владиниот „Твитер“ профил ја објави профилот „MalwareHunterTeam“, профил кој следи дигитални измами.
Профилот преку објава, објасни дека уште еден официјален профил бил искористен за ширење на измами поврзани со „Тесла“ и Илон Маск, овојпат официјалниот „Твитер“ профил“ на Владата на Република Северна Македонија.


Притоа, се надоврзаа дека на Владата ѝ биле потребни околу три минути за да го вратат името и фотографијата на профилот, дополнувајќи дека хакерите во овој конкретен случај, пробиле профили кои биле активни непосредно пред упадот, за разлика од вообичаените протоколи каде хакерите преземаат профили кои не се активни подолго време.

Радио МОФ веќе пишуваше за тоа како никој не одговара за хакерските напади на страните на државните институции.  Последнава година беше прилично стресна за луѓето кои се платени да ги одржуваат веб-страниците на македонските институции.

Проблемите започнаа со хакерскиот напад на сајтот на Државната изборна комисија и тоа на денот на изборите. Продолжија со истовремено рушење на сајтовите на министерствата за здравство и образование и наука, а овој месец беше хакиран и сајтот на Владата.

Никој не одговара за хакирањето на државните веб-сајтови

И.С.