Откако жители на „Рузвелтова“ преку платформата „Мој град“ посочија за сеча на дрвја на оваа скопска улица, со своја реакција се јави Општина Центар, од каде тврдат дека пробивањето на „Партизанска“ е предвидено со програмата за работа на Секторот за уредување на градежно земјиште.
Општинарите велат дека има проект за изградба и истата е предвидена во важечкиот Детален урбанистички план Градска четврт Дебар Маало 1, донесен со одлука на Советот на Општина Центар бр. 07-9816/4 од 21 декември 2012 година.
„Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, оствари неколку средби со граѓаните од околните згради, на кои од градоначалникот беше побарано час поскоро да започне пробивањето на улицата за превенирање несакани последици и полесно одвивање на сообраќајот во овој дел од Центар“, велат од Центар.
Според општината, клучно е што со досегашната ситуација, до одредени објекти жителите имаат отежнет пристап, а во случај на итна ситуација, како пожар или друг вид на непогода, велат тие, едноставно невозможно е противпожарните и амбулантни возила да стигнат до објектите каде треба да интервенираат.
„Сите дрва кои ќе можат да се заштитат, ќе бидат заштитени, а секое едно дрво кои ќе се отстрани, ќе биде заменето со нов, висококвалитетен, подраснат садник. Со пролонгирањето на изведбата на кракот од улица ‘Партизанска’, ризикуваме да доведеме во опасност над 400 семејства кои живеат во околните згради, нешто што како одговорна општина нема да го дозволиме“, стои во реакцијата на Општина Центар.
Оттаму од граѓаните бараат трпение додека траат градежните работи, со единствена цел, како што велат, овозможување на хумано живеење и нормално одвивање на сообраќајот.