Радио МОФ во рамки на кампањата #СедмаСила како дел од „Проектот за младинско изразување“ поддржан од Европската Унија објави конкурс за есеј на тема „Слобода на медиумите и информирањето“.
На повикот пристигнаа вкупно 49 есеи, а комисијата составена од претставници на Радио МОФ, Младински образовен форум и Институтот за комуникациски студии одлучија наградата да ѝ ја доделат на Елена Ридова.
Целта на конкурсот беше да ја подигне свеста за важноста за вклучување на младите во општествено одговорни прашања кои се значајни за унапредување на демократијата.
***Во продолжение, прочитајте го победничкиот есеј:
Мојата најголема желба беше да се вработам како новинар. И тоа се случи. Првите текстови ми беа просечни, но конечно најдов сторија за која навистина сакав да пишувам. Ги снимив изјавите од соговорниците пред кои имав голема одговорност, седнав, го напишав текстот и ги средив фотографиите. Колегите ми рекоа дека сторијата е одлична, па гордо ја предадов на уредникот.
Тука почнаа моите проблеми. На уредникот не му се допадна напишаното иако беа почитувани сите новинарски правила и етички кодекси. Можев да ја објавам сторијата и да добијам отказ, или да ја променам приказната за да му се допадне на уредникот. Еве каков беше мојот избoр.
Бидејќи отсекогаш сум била смирен човек, решив рационално да пристапам на работите. Земав еден од многуте листови расфрлани по моето биро и почнав да ги запишувам „за“ и „против“ аргументите кои ја засегаа мојата ситуација. За мое изненадување, првата колона ја испишав зачудувачки брзо. Во втората пак стоеше единствена празна реченица: „Ќе останам без работа“.
Одеднаш, се запрашав зошто толку многу сакам да ја објавам оваа сторија- затоа што знам дека тоа ќе биде мојот прв новинарски успех или зашто навистина се залагам за вредностите кои ги пренесува таа.
Моите родители често велат дека кога не сум можела да зборувам, сум плачела додека не сум била слушната. Кога сум прозборела пак, сум прашувала додека не сум била задоволна од одговорот. Во моментите кога сум молчела- само тогаш сум била вистински немоќна.
Мислам дека отсекогаш го презирам ова чувство. Но, токму тоа ме натера да станам гласот на бессилните. Се запишав на новинарство за да можам да раскажувам приказни, и не само оние розеви бајки, туку реалните кои никој не сака да ги слуша. Во оваа категорија спаѓаше и мојата споменувана сторија.
Анализирајќи го човекот којшто сум сега, сфатив дека не многу се има променето. Сѐ уште ја имам некогашната визија- со моите зборови да го направам светот подобро место за живеење. „Добро, барем сум сигурна дека сакам да ја објавам сторијата од вистинските причини“- заклучив во себе.
Но, како што ангелот и ѓаволот си се противат во филмовите, така и во мојата глава: „Помисли ли само колку ја посакуваше оваа работа? Хмм, а и платата не е така лоша… Мислиш ли дека е доволно една сторија за да смени едно цело општество од корен? Не, но сигурно е доволно да го смени твојот живот“ – рече кикотејќи се ѓаволот.
Ми беше доста од ваквата борба. Ми беше потребно некој да ме потсети на она што сум или барем со што се идентификувам. Очајно шетав низ мојата канцеларија кога погледот ми застана на сликата од мојата десетгодишна внука. Глупаво, ама одеднаш се присетив на една реченица што ѝ ја кажав за да ѝ објаснам што работам. Таа гласеше: „Задачата на новинарот е да ги пренесе веста и вистината, не да ги креира“.
Мојата дилема конечно беше разрешена. Ако не ја исполнувам оваа задача, тогаш немам право да се наречам новинар. Решително излегов во ходникот и тргнав накај канцеларијата на мојот уредник.
Сакав само да го известам дека сторијата ќе биде пуштена во печат.
* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.