Во Прилеп во НУЦК „Марко Цепенков“ во недела (2 март) ќе се одржува второто издание на „Прочка Ебаго“, настан каде ќе има целодневна програма со уметност и музика.
Вечерниот дел е закажан за рокенрол и музика во живо.
„‘Паркети’ – битолските панк ветерани кои доаѓаат со заразна енергија и добро познати хитови. ‘Vagina Corporation’ – алтернативен скопски состав кој е спремен да го претстави нивниот луд танц. ‘Diattic’ – ново-формиран бенд кој ќе ни донесе свежи звуци на сцената“, стои во најавата на организаторот „Менза“.
Во текот на денот присутните ќе може да уживаат во нови електронски звуци, сервирани од локалната подршка: Frisson, кој ќе пушта минимал техно и James кој ќе рока стандард техно. Исто така е најавен колаборациски сет меѓу Pipe и Neo.
Воедно на „Прочка Ебаго“ ќе биде поставен и „ФИЈУК Саем“.
„ФИЈУК Ебаго! ФИЈУК Саем на независна уметничка продукција патува за Прилеп. На прочка. Нема боље. Годинава че го почнеме Фијук маскиран во Мечкар со клопотарци. Јуриш!“, велат од „Партизанска штампа“, задолжени за саемот.
Излагачи се: Арт Еквилибриум, Мртов коњ, Корн, Партизанска штампа, Longest Night, Матријаршија, Матеј Богдановски, Јелена Белиќ, Плукни залепи, Дона Илијевска, Сара Богоева, Спознавање, Gosi Etc, Boiling Point, Емилија Трајкоска, Владимир Лукаш, Кети Талевска Бакревска, Симона Мирческа, Елена Абрасоска, Ѓорѓи Митревски, Симеон Анѓелкоски.