Независната советничка група „Зелените од Гази Баба“ утре, на 28 август организираат настан на кој присутните ќе може да продаваат и купуваат користена облека, а собраните средства ќе бидат наменети за купување на училишен прибор. Дополнително, тие дел од средствата ќе ги донираат на неколку социјално загрозени деца за купување на училишен прибор.
„Акцентот го ставаме на младите за да научат дека веќе користените работи не треба да се фрлаат, затоа што истите можат да послужат на друг и за тоа да добијат парични средства кои ќе ги употребат за други свои потреби“, нагласуваат организаторите, кои додаваат дека настанот цели кон создавање навика посебно кај младите за повеќекратно искористување на предмети и добра.
Во пресрет на почетокот на школската година, утре пред киното Маџари со почеток во 8 часот наутро, па сè до 14 часот попладне, заинтересираните граѓани ќе имаат можност да се ослободат од випокот облека и со тоа да си обезбедат училишен прибор, а воедно и да помогнат во борбата за помалку отпад.
Организаторите потенцираат дека циркуларната економија е важна во услови кога за производство на една маица се користат 2700 литри вода, за фармерки 3800 литри, а посочуваат дека произведувачите на облека се одговорни за 20 отсто од отпадните води.
„Проблемот не е само во производството на облека, туку и во отпадот кога таа облека се фрла. Материјалите кои не се биоразградливи остануваат по 200 години на депонии и во водите. Доколку сакаме индивидуално да промениме нешто во корист на животната средина и да го намалиме загадувањето ,мораме да промениме дел од нашите навики. Затоа придружете ни се на овој настан и заедно да придонесеме за подобра и чиста општина“, велат „Зелените од Гази Баба“.