Продавачите на книги на скопскиот Кеј „13 ноември“ добија известување до 21 април да ја ослободат јавната површина, односно куќарките од предметите кои ги продаваат. Одлуката ги вознемири „староседелците“, а од Град Скопје попладнево соопштија дека ќе биде објавен нов јавен повик за користење на куќарките, бидејќи противправно се користеле четири години.
Утринава на кејот немаше голема раздвиженост, а можеа да се забележат само две отворени куќарки од вкупно девет. Во една од нив, на исто место беа собрани тројца продавачи. Во разговор за Радио МОФ тие велат дека на кејот веќе девет години продаваат книги, а очигледно беше дека бараат одговори за тоа што ќе прават во иднина, по известувањето на градот.
Еден од продавачите веќе ги собираше книгите од неговата куќарка.
„Имаме рок да ги испразниме куќарките, да ги вратиме во првобитна состојба, потоа што ќе биде, како ќе биде, никој не знае“, рече тој утринава.
Решението го добиле лично, од градските власти, а потоа, биле и во Град Скопје каде поднеле барање за да разговараат со градоначалничката на Скопје, но во меѓувреме продавачот потенцираше дека мора да ја испразни куќарката и дека не може да чека на одговор за потенцијалната средба.
„Тие би требало да не викнат и порано од 21-ви“, вели другиот продавач.
„Не бараме ништо од држава, сами си вадиме леб да живееме, зашто нè ‘закачаат’ не знам. Им плаќаме таму, им даваме што треба за бараките, па што сакаат од нас не знам. На никого не сметаме тука, на никого апсолутно. Само им помагаме на луѓето, да земат книги што им треба, едно, друго“, додаде тој.
Во меѓувреме, се пожалија и на условите во кои се наоѓа просторот.
„Ни светло, ни струја, ни контејнер, ни корпа, ни вода. Сум фрлал пари за да биде убаво, кровови, лимови. Си одржувавме самите“, објаснуваат тие.
Вознемирени за тоа дека местото повеќе можеби нема да се користи за истата намена, тие велат дека овој дел од кејот претставува знаменитост и култура на градот.
„Ова е само локација на минување, нема ништо тука, имаше лесковачка, затворена е не работи веќе, чат-пат ќе застанеше по некој човек, да касне нешто. Ова е фреквентно место, не многу, меѓутоа, има луѓе, од банки доаѓаат, од автобуска, ама пак, тоа се минувачи, не се потенцијални купувачи, друго е на плоштад да си, во Центар, ќе застане турист ќе продадеш нешто, не… Да се продава, нема да биде полно ова“, вели еден од продавачите.
Додава дека со коронавирусот и останатите случувања, „многу ретко“ има купувачи, па затоа, покрај продажба на книги, одлучил да продава и други предмети, антиквитети, стрипови и слично.
На прашањето на Радио МОФ, дали доколку се објави друг оглас, тие би се пријавиле за користење на местото, без двоумење потврдија.
„Па како не, нормално, кој да се пријави… ние сме продавачи 25 години“, велат тие.
Истовремено, посочија дека за местото не бил објавен друг оглас, откако се „сместени“ на оваа локација.
Град Скопје најави нов јавен оглас за користење на јавната површина
Од Град Скопје преку соопштение до медиумите денеска тврдат дека претходната градска администрација свесно ги оставила корисниците четири години противправно да ги користат куќарките, без постоење правен основ.
„Ваквата состојба најмалку одговара на корисниците на овие привремени објекти и поради тоа градот Скопје во транспарентна и законска постапка со објава на јавен оглас ќе ја разреши ситуацијата“, соопштија од Град Скопје.
Оттаму дополнуваат дека корисниците за првпат се пријавиле на јавен оглас во 2011 година, со договор во времетраење од една година, што се продолжувал секоја наредна година со анекс. Ваквата пракса, тие велат дека прекинала на 31 јануари 2018 година, и додаваат дека „овие граѓани целосно се ставиле во милост и немилост“.
„Свесно биле оставени без дозвола и договор да ги користат куќарките, оставајќи можност на претходното раководство да се отстранат кога ќе посакаат. Дотолку што постојната состојба е спротивна на прописите, ја ограничува конкурентноста и го оштетува буџетот на Градот и граѓаните“, додаваат од Град Скопје.
Оттаму посочија дека корисниците се веќе известени дека во рок од 15 дена треба да ги ослободат куќарките од предметите кои се во нивна сопственост и да ги предадат објектите на градот во состојба во којашто ги примиле според записникот, бидејќи, како што велат, не постои правен основ за нивно понатамошно користење.
Истовремено, најавија дека во следниот период ќе биде објавен јавен повик каде овие лица и сите останати ќе можат да се пријават за користење на јавни површини, односно користење на куќарките.
„Сите постапки кои Градот Скопје ги спроведува мора да бидат според законот и во целосно транспарентна постапка за да се создаваат позитивни политики за доброто на граѓаните, но и во насока на заштита на корисниците на куќарките, кои ќе можат правно да го регулираат својот статус и правото на користење“, велат од Град Скопје.
Мартин Колоски