Продолжена блокадата на депонијата Русино која започна на 2 август

Блокадата на патот кој води до депонијата Русино во Гостивар, чија крајна цел е затворање и дислоцирање на ѓубриштето, е продолжена за дополнителни десет дена. Локалците ја започнаа блокадата на 2 август и веќе во неколку наврати ја продолжуваат. Причината за ваквата акција на гостиварските активисти од иницијативата „Стоп Русино“ е поради тоа што претходно немало закажано состанок со градоначалниците од деветте општини од кои се фрлаше ѓубре на депонијата.

Дополнително, иако пристапот одредено време беше дозволен за камионите на гостиварски Комуналец, поради исполнување на одредени услови, активистите од петокот на полноќ, повторно ја спуштија, затоа што, како што велат, депонијата повторно чадела, а во период од 6-7 дена воопшто не се затрупувала.

Активистката Марија Спасовска од иницијативата „Стоп Русино“ во изјава за Радио МОФ, вели дека камерите, кои беа еден од условите, се поставени, а им било најавено дека до крајот на денот ќе бидат монтирани и јавно поставени на веб-страницата на Комуналец.

„Поради тоа што веќе неколку дена имаат пратено горе возила кои имаат почнато со работа, им испративме уште неколку делови кои не се убаво истапкани, кои не се убаво обработени и исто така уште еден дел, сосема ново ѓубре се изнафрла, и тоа им го испративме и им кажавме дека овие работи мора под итно да се средат. Без разлика на тоа, дали на утрешниот состанок со сите општини ќе ја кренеме блокадата за сите општини или не, значи тоа ни е услов дека горе мора убаво да се натапка затоа што повторно чадеше“, посочи Спасовска.

Постои шанса, објаснува Спасовска, блокадата да прекине и во тековните десет дена, кои се одбројуваат од петокот, доколку дојдат до заеднички договор со општините на состанокот кој е закажан за утре.

На состанокот, како што посочи таа, се очекува да се разговара за барањата на иницијативата и очекуваат конкретни рокови, а доколку тоа е, како што вели, задоволително, ќе се разговара и за „кревање на блокадата“.

Незадоволството поради горењето на депонијата, граѓаните го изразија на почетокот на месец јули и испратија порака до институциите да најдат решение за овој проблем. Стотици граѓани пак, на 23 јули преку протестно дефиле со автомобили, велосипеди и моторцикли повторно го изразија незадоволството поради депонијата која гореше веќе наредниот ден, а за која активистите велат дека чадот од неа се гледа од градот Гостивар.

За горливиот проблем на гостиварци, претходно се одржа и двочасовна дебата организирана од Општина Гостивар.

М.К.