Месечното филмско списание „ФИЛМ+“, кое излегуваше во октомври, ноември и декември 2016 година, по шестмесечна пауза повторно почнува да излегува. Четвртиот број на списанието овојпат ќе биде објавено како додаток на дневниот весник „Слободен печат“.
Освен измените во дизајнот поради димензиите на весникот, концепциски и содржински списанието останува исто, и повторно е уредувано од Сунчица Уневска и Влатко Галевски.
Четвртиот број на ФИЛМ+ донесува интервју со актерката и професорка Синоличка Трпкова, претставени се и голем број македонски филмови и проекти кои годинава се селектирани на регионалните фестивали во Херцег Нови и во Сараево.
“Во новиот број на ФИЛМ+ има и анализа за креативното фијаско во Холивуд, но и за бесмртната франшиза на „Спајдермен“. Тука се и редовните рубрики „Во прво лице“, Светските класици, како и влегувањето во успешните македонски студија, овојпат во студиото „Линкс“, пионери во 2Д анимацијата“, соопшти редакцијата на списанието.
„ФИЛМ+“ ќе продолжи да излегува во секоја последна среда во месецот.