Проекции на документарни филмови за „Њу Ордер“ и Леонард Коен во Кинотека на 19 февруари

На 19 февруари во Кинотеката на Македонија ќе бидат прикажани два музички документарни филмови, односно, „Њу Ордер – Декади“ и „Мериен и Леонард Коен: Зборови за љубовта“, во рамки на „загревањето“ за настанот „Скопје Синема Сити“.

Загревањето е полугодишен настан каде се прикажуваат избор на филмови од претходното издание на фестивалот.

„Минатата година бенд во фокус беа манчестерскиот бенд Њу Ордер на кои фестивалот им врачи награда за достигнувања во музиката и филмот и фестивалот го отвори настанот со филмот на Мајк Кристи ‘Њу Ордер: Декади’. Филмот е приказ на нивниот проект во соработка со Манчестерскиот Интернационален Фестивал каде се случуваат невообичаени уметнички инсталации и проекти. Тој е истовремено и полуконцертен и полудокументарен филм за оваа соработка и серија настапи по европските градови“, стои во соопштението испратено до медиумите.

„Истата вечер ќе биде прикажан филмот „Мериен и Леонард Коен: Зборови за љубовта“ за Леонард Коен и неговата муза Мериен Илен која инспирирала многу од неговите песни. Филмот ја прикажува нивната бурна врска и животни патишта од почетокот на островот Хидра па се до
нивниот крај“, се додава во соопштението.

Проекциите на филмовите, како што се посочува, започнуваат во 18 часот и 20 минути, а бројот на посетители ќе биде ограничен.