Проекција на „Бубачки“ за петтата „Кафе и кромид“ дружба во „Котур“

Во кафе и кино „Котур“ на 5 февруари (среда) со почеток од 20:30 часот ќе има проекција на данскиот „Бубачки“ од 2016 година, во режија и сценарио на Андреас Јонсен.

Проекцијата ќе биде во склоп на петтата „Кафе и кромид“ дружба, соработка меѓу „Котур“ и „Македокс“.

„Иако научниците и земјоделскиот сектор сè почесто тврдат дека јадливите инсекти се иднината на одржливата храна, јадењето бубачки не е многу популарно меѓу обичните сладокусци. Бен и Џош, двајца врвни мајстори од експерименталната Лабораторија за нордиска храна на Рене Реџепи во Данска, три години патуваат низ светот за да слушнат што мислат оние две милијарди луѓе кои веќе одамна јадат инсекти. А камерата на Андреас Јонсен ги следи во чекор додека бараат, одгледуваат, готват и вкусуваат инсекти со локалците од шест континенти за да открие дали инсектите навистина би можеле да ја спасат планетата“, стои во најавата за проекцијата.