Со почеток од 20 часот, утре, 16 јуни во летното кино на Кинотеката на Република Северна Македонија ќе биде прикажана новата, дигитално реставрирана копија на првиот македонски игран филм „Фросина“ од 1952 година.
Истовремено, како што посочуваат организаторите, филмот ќе биде пренесуван во живо, но и преку каналот на Јутуб, а линковите ќе бидат објавени на нивната страница на Фејсбук и веб-страницата на Кинотека.
„На проекцијата ќе ѝ претходи 10-минутно видео во кое д-р Атанас Чупоски, советник филмолог во Кинотеката, ќе направи кратка анализа на филмот и неговото значење за македонската кинематографија, како и за самиот процес на дигитална реставрација. ‘Фросина’ ќе биде достапен за гледање он-лајн преку каналот на Кинотеката и во следните 5 денови по оваа негова втора, ‘дигитална премиера’“, стои во соопштението на Кинотека.
Филмот е прва цело целовечерна играна продукција целосно на македонски јазик, со македонска актерска и филмска екипа, со исклучок на режисерот Нановиќ, како и прв игран филм снимен во продукција „Вардар филм – Скопје“.
Влезот на проекцијата е бесплатен, но со претходно резервирани билети, со следење на протоколите за заштита од Ковид-19, појаснуваат од Кинотека.
Минатиот петок, во Кинотека беше претставена и дигитално реставрираната копија на првата македонска комедија, играниот филм „Мирно лето“ на режисерот Димитрие Османли, снимен во 1961 година. Како што додаваат од Кинотека, „интересно е што речиси истата актерска екипа, барем во водечките улоги, настапува и во двата филма“.
Инаку, проекцијата е дел од меѓународниот проект „Сезона на филмски класици“, во кој учествува и Кинотеката, со двата класика „Фросина“ и „Мирно лето“, кои неодамна беа дигитално реставрирани во лабораторијата „Клик филмс“ во Загреб, Хрватска.