Здружението за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст -Струмица“ во соработка со кафе бар „Нагоре“, на 30 ноември 2023 година (четврток), со почеток во 21 часот организира проекција на долгометражниот музичко-документарен филм „The Hip – Brainstorm“ во рамките на филмската програма на иницијативата за есенски културен бран.
Долгометражниот видео/филм е во режија и продукција на Јане Алтипармаков, со кој следува и дискусија, но и негов сет по проекцијата на филмот.
Автор на оригиналната идеја на „The Hip – Brainstorm“ е Љубиша Петрушевски. Продуцент и монтажер е Михаил Димитров, звучниот дизајн е на Валентин Видовиќ. Директор на фотографија е Наташа Гелева, снимател е Ања Илиева.
На монтажата работеа и Зоран Чаневски и Димитар Илиевски. Во филмот се појавуваат: Васко Атанасовски (Бернајс пропаганда, Балкан Велики), Toшо Филиповски – автор на првата сеопфатна македонска рок-енциклопедија, Саша Павловиќ (Suns), Ивица Димитриевиќ (SIZ), Мирко Попов (PMG Kolektiv), Костадин Шурбановски (Канал 103), Сеад Хаџиќ (Last Expedition, Mooger Fooger), членови на групатa The Hip, Morbid Joker, Музичка младина. Во филмов ексклузивно се измонтирани архивски снимки од настапите на Електрични оргазам, Екатерина Велика, легендарните Nirvana, Psychic TV, Buzzcocks, Sonic Youth, Young Gods.
Јане Алтипармаков студирал Филозофија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Културолошки студии на Евроколеџ, а дипломирал филмска и ТВ режија на Факултетот за драмски уметности – Скопје. Тој е филмски работник, музички проследувач и критичар/арт-теоретичар. Потписник на стотина текста од областа на филмот, независната музичка сцена и културата, објавени во повеќе домашни магазини, дневни весници и портали.
Повеќегодишен музички соработник во независното радио Канал 103. Како режисер и продуцент се потпишува на повеќе документарни филмови, кратки форми и видеозаписи. Добитник на наградата за особен придонес и развој на македонската алтернативна сцена (The Hip-Reality Overdrive), и на специјалната награда за музички филм (The Hip-Brainstorm). Работи и како фото-документарист.