Проекција на филмови и разговор со Меријам Тафакор утре во МСУ

Филозофскиот Филмски Фестивал – Скопје за утре, 28 март од 20 часот, во склоп на својата офф-програма за 15. издание, во Музејот на современа уметност (МСУ) најавува проекција на четири филмови од Меријам Тафакори.

Се работи за наградувана иранско-британска уметница и филмска авторка, чии дела се одликуваат со длабока филозофска релевантност и иновативен пристап кон филмскиот јазик.

„Тафакори комбинира филмски колаж, поезија и архивски звук и слики, создавајќи динамичен дијалог околу теми како што се меморијата, идентитетот, моќта, интимноста и отпорот. Нејзините филмови поттикнуваат критичка рефлексија и дијалог, истовремено промовирајќи го филмот како медиум за филозофско размислување“, стои во соопштението за настанот.

Воедно, од фестивалот велат дека Тафакори нуди повеќеслојна леќа кон иранското кино и раскажување приказни, без да се потпира на воспоставените погледи и пракси.

„Деконстуирарајќи го постреволуционерниот ирански филм таа ни го открива невидливото и неговите интимни форми кои оперираат внатре во овие слики во движење и кои успеваат да ја заобиколат постоечката цензура. Со својата идеосинкретична филмска естетика и поетичен визуелен јазик, Меријам создава феминистички контра-архиви кои го предизвикуваат и Источниот и Западниот кинематографски поглед“, посочуваат од фестивалот.

Програма на настанот:

„Irani Bag“ (2021, 8 минути)
„Nazarbazi“ (2022, 20 минути)
„Code Names“ (2022, 21 минута)
„Mast-del“ (2023, 18 минути)

После филмовите ќе следи онлајн разговор со Меријам Тафакори. Модератори на разговорот ќе бидат Ивана Мирчевска и Ѓорги Пулевски.

Инаку, Меријам Тафакори е визуелна уметница и филмска режисерка родена во Иран, чии дела/ чија практика комбинира/ат поезија, архивски материјали и шпекулативна документаристика. Нејзините филмови и видео есеи истражуваат теми како цензурата на телото, интимноста и историјата, особено во контекст на постреволуционерната иранска кинематографија.

Нејзиниот филм „Mast-del“ премиерно беше прикажан на „Directors’ Fortnight“ во Кан и беше вклучен меѓу најдобрите кратки филмови и видео есеи на 2023 година. Нејзините дела се прикажувани во водечки институции како MoMA, Tate Modern, LUX London, како и на престижни фестивали, меѓу кои „Locarno“, „Toronto“ и „New York Film Festival“.

Тафакори е добитничка на бројни награди, вклучувајќи ја „Film London Jarman Award“ (2024), „Gold Hugo“ (Chicago IFF), „Tiger Short Award“ (Rotterdam IFF) и „Barbara Hammer Feminist Film Award“ (Ann Arbor FF).

Проекцијата е поддржана од Британскиот совет.