Проекција на кратките филмови на филмаџиите од Филмската училница во Кинотека

Во сабота (14 декември) со почеток во 20 часот во Кинотеката ќе се одржи специјална проекција на кратките филмови изработени од страна на младите филмаџии, учесници на работилницата „Филмска училница ФИЛМЕЈ“ која е во организација на Кинотеката на Р. С. Македонија и Гете Институт – Скопје, а е дел од меѓународниот проект ФилмЕД.

Кратките филмови „Агент Блу“ на Јана Денковска, „Колач“ на Костадин Тасевски и „Фејктопија“ на Максим Котески и Алек Дуковски ќе бидат премиерно прикажани, по што ќе следи кратка дискусија за филмовите.

Филмските училници во чии рамки се направија овие кратки филмови се одржуваа секоја сабота во Кинотеката, во текот на првото полугодие од учебната 2024/25 година, и во нив учествуваа деца на возраст од 11 до 14 години. Тие, соопштува Кинотеката, заедно со режисерот Саша Станишиќ, како и филмските автори Светислав Подлешанов и Кирил Каракаш учеле за филмската уметност и работелена своите први кратки филмчиња, во улога на режисери, сниматели, актери и сценаристи.

„’Филмска училница ФИЛМЕЈ’ е дел од проектот ‘ФилмЕД’, кој покрај развој на методологии за филмска едукација, има за цел да ѝ понуди на младата публика можност да гледа филмови, но и место каде ќе може да се дискутира за нив. Преку интерактивно и креативно учење, учесниците на филмските училници се стекнаа со основно познавање од филмот и филмската уметност, развија критичко размислување, но и стекнаа основни вештини за изработка на видео материјали како средства за лично изразување. Под менторство на филмски професионалци, учесниците создадоа кратки филмови на различни теми, и истите ќе бидат прикажани во Кинотеката на Северна Македонија пред нивните семејства и пријатели“, информираат од Кинотеката.

Радио МОФ пишуваше за концептот на филмската училница како и нејзиното поврзување со филмска писменост, за што повеќе може да прочитате во продолжение.

Додека чека на формалното, филмот веќе зачекори во неформалното образование