Проекција на словенечкиот филм „Outsider“ во Кинотека и разговор со режисерот

Во Кинотека на Македонија утревечер (7 февруари) и во недела (8 февруари) од 20 часот ќе биде прикажан филмот „Outsider“ на словенечкиот режисер Андреј Кошак по повод културниот празник Прешернов ден кој се празнува во Словенија.

Покрај проекцијата, Кинотеката на Македонија и Словенечкиот центар од Скопје, во соработка со Амбасадата на Словенија во Македонија, утревечер на македонската публика ќе и овозможат и краток разговор со режисерот Кошак за неговиот филм.

„Outsider“ е снимен во 1997 година и е поглед врз југословенската панк-сцена во Љубљана во 1980-тите години. Филмот своевремено бил дистрибуиран во сите републики на поранешна Југославија и добил повеќе меѓународни награди.

Настанот е во рамки на Месецот на словенечка култура во Република Македонија, кој го организира Словенечкиот центар од Скопје.