По светската премиера во Лос Анџелес на почетокот на месецов, поетскиот филм на македонскиот дигитален уметник Зоран Попоски, „Уништен свет“, ќе биде прикажан во официјалната селекција на меѓународниот филмски фестивал Блумздеј во Даблин, Ирска, што ќе се одржува од 11 до 16 јуни 2022 година.
„Уништен свет“ ќе биде прикажан во категоријата експериментални куси филмови. Филмот во целост е направен со помош на вештачка интелигенција.
Филмскиот фестивал Блумздеј е конципиран како прослава на филмот, литературата и уметничките иновации, поттикнати од експерименталниот гениј на ирскиот писател Џејмс Џојс. Фестивалот годинава има посебно издание во одбележување на стогодишнината од објавувањето на Џојсовиот роман „Улис“, ремек дело на модерната книжевност. Фестивалот се одржува во соработка со Џејмс Џојс Центарот во Даблин и Ирскиот филмски институт (ИФИ).
Зоран Попоски магистрирал уметност во нови медиуми во Австрија и САД, а докторирал студии на културата во Скопје. Има реализирано над 100 меѓународни изложби и е добитник на повеќе светски признанија за уметност.