Центар-Јадро во петок (5 мај) од организира проекција на трилогијата „Во потрага по главната улица Америка“, како и на разговорот што потоа ќе следи помеѓу авторот, Наум Пановски, филмскиот критичар Благоја Куновски – Доре, професорката Елизабета Шелева и актерката и професорка Синоличка Трпкова.
„Во потрага по главната улица Америка“ е документарен видео колаж/асамблаж во три дела, изработен од архивски и актуелен видео материјал, во чиј фокус е тоа што се случува денес во Америка. Станува збор за типичен „On the Road филм“, раскажан преку авторовото еднонеделно патување од Њујорк до Санта Моника во Калифорнија.
„Филмот се обидува да ги опсервира потресните и болни прашања за Америка и нејзините сложени противречности кои сите ги имаме посведочено во последните пет години и кои доведоа до ужасен јуриш на неоконзервативизмот и на она што денес се именува како агресија на белата супериорност врз цивилната и демократска Америка“, велат од Центар-Јадро.
Инаку, Наум Пановски е театарски режисер, професор по режија и глума, теорија на театар, критика, драматургија и естетика.
„Пановски е добитник на повеќе награди за неговото режисерско-педагошкото творештво, а неговиот уметнички опус е меѓународно признат“, соопштува Центар-Јадро.