Започнувајќи од вчера (20 октомври) во 12 до 22 часот и наредните 5 дена (во ист термин), уметникот Владимир Лукаш во Мобилната/Монтажна галерија го преселува своето атеље, во кое ќе ја создава изложбата која ќе биде отворена на 25 и 26 октомври во 20 часот.
„Концептот е едноставен: влегувам во галерија со материјали за цртање и сликање и почнувам: 5 дена по 8 часа дневно. Отворањето на изложбата е шестиот ден, собирањето – осмиот.
Инспирација? Уф. Да речеме дека сакам да се изненадам; да речеме дека сакам да се соочам tet-ə-ˈtet со дедлајнот и да видиме кој ќе победи; да речеме дека баш ми е гајле за тајновитоста на процесот на создавање и така натаму. Значи: галеријата 5 дена ќе глуми ателје во кое ќе се создава изложба и кој сака, кога сака и како сака, може да дојде, да гледа, да учествува, да разговара, да пие пиво или што и да е, да мрчи, да се радува, да пее, танцува, фотографира, да кова заговори, да готви и така натаму.
Концептот е едноставен: влегувам во галерија со материјали за иатаканатамштини и почнувам. Што почнувам? Не знам. Не ме интересира сè додека не почнам. Како може да не ме интересира? Како така изложба без јасен концепт и порака? Какви се овие дедлајнерски ѓурултии? Уметниците си ја сфаќаат работата многу сериозно, не како тебе, односно, како мене… Како и да е, ќе седнам да цртам/сликам/штоидае и сето тоа ќе биде јавно.
Ова е, всушност, надоврзување на една моја изложба од пред седум години во Отворено графичко студио, којашто ја нареков „Цртежи што никогаш нема да ги изложам“: ѕидовите на галеријата беа празни, на една маса беа поставени околу 300 цртежи и публиката ја создаваше изложбата по принцип направи сам. Освен „закачи на ѕид што ти душа сака“, немав никаква контрола врз процесот на поставување на изложбата – на голема жалост на кураторките Нита и Марија.
И така. Концептот е, значи, едноставен: влегувам и работам. По 8 часа на ден. Од четврток до понеделник. Изложбата е во вторник и во среда. Во четврток – катанец.
За време на тие 5 создавачки дена, Дарин Ангеловски, дотеран во костум на многу сериозен теоретичар, ќе пишува метамодернистички манифест што ќе глуми кураторски текст. Штом прифати да учествува во процесот, сигурно е дедлајнер. Крајнорокџија. Петдодванаесеетолог.
Да живее прокрастинацијата! Да живее!“, се вели во најавата на проект/изложбата на Владимир Лукаш.