Двете табли од Sидот за слободно изразување поставен во Старата Скопска чаршија синоќа беа искршени на парчиња. Нaстанот се случил половина час пред полноќ, а вандалите прво ги полеале, а потоа почнале и да ги кршат таблите каде што минувачите со креда можеа да ја дополнат реченицата „Before I die I want to … “.
„Ние сме изненадени и згрозени. Ова е вандалски чин, не сакам ниту да помислам дека ваквиот чин е порака и директен напад врз слободата на изразување“, вели Билјана Бејкова од НВО инфоцентарот, кој е носител на проектот за поставување вакви инсталации што јавниот простор го користат како место за слободно изразување на граѓаните.
Навредени и разочарани се и младите девојки кои успеааја да ја добијат лиценцата за проектот „ Before I die… “ од страна на американската уметница Кенди Чанг, чии инсталации во меѓуврене го инспирираат светот.
„Кога слушнав за вандализмот, посакав да си заминам од земјава. Правиш нешто добро, за сите, за државата, а потоа некој тоа ти го уништува без никаква причниа. Ова не е во ред, навистина не е во ред“, револтирана е Сандра Камиловска која синоќа го собираше искршениот материјал од таблите во Чаршија.
Освен „Before I die “, слични табли но со реченицата „Слобода е…“, беа поставени на улица Македонија. Тие се уште функционираат, а минувачите можат да напишат што за нив претставува слободата. Ваквите инсталации се дел од проектот „Млади промотори на слободата на изразување“, поддржан од ЕУ преку Европскиот инструмент за демократија и човекови права (ЕИДХР), кој го реализираат Фондацијата НВО Инфоцентар и Младинскиот образовен форум.
Организаторите планираат поставување на табли со слична содржина во повеќе градови од земјавава. Засега се чека и сосема е извесно дека ќе ја добијат дозволата во Струмица и Тетово каде што жителите ќе може да пишуваат „Слобода е…“ и „Во Тетово сакам…“
Сепак, барањата за поставување вакви табли се одбиени во Битола и на УКИМ. Како што соопштија организаторите, Битолчани требаше да пишуваат „Во Битола сакам…“, додека на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, во комплексот општествени факултети, студентите требало да дополнат„ На овој факултет сакам…“.
И во двата случаи добиле објаснување дека надлежните на тие јавни простори „не можат да и излезат во пресрет на младинската акција, стои во соопштените на организаторите.