„Проект Среќа“ собира донации за училишен прибор за деца од социјално загрозени семејства

Под мотото „Секое дете треба да се радува на 1ви септември!“, здружението „Проект Среќа“ и оваа година организира акција за собирање донации за набавка на училишен прибор за деца од социјално загрозени семејства.

„Веќе четврта година по ред нашите телефонски линии и кутиите за донации се отворени“, вели Бојана Мандевска, дел од тимот на Проект Среќа.

„Секоја организација или физичко лице кое е заинтересирано и е во можност слободно може да донира финансиски средства или училишна опрема на некоја од локациите поставени низ државата“, дополнува таа, „или пак на нашиот телефонски број за донации 070 143 403.“

Со проектот „Среќна Школска Година 2019“, кој започнал во 2016 година, пред почетокот на минатата учебна година успеа да се собере доволно финансии и опрема да им овозможи среќен почеток на повеќе од 250 деца од социјално загрозени семејства.

„Имаме датабаза со повеќе од 1200 семејства кои се корисници на социјална помош, самохрани родители или било кои случаи кои спаѓаат во категоријата на социјално загрозени случаи.“,  објаснуваат од здружението.

Оваа година, целта им е да покријат двојно повеќе семејства од она што успеале лани.

Пунктовите за донирање се отворени до 1 септември, а тие се поставени во дел од аптеките на „Еурофарм“ низ Скопје, Битола, Куманово и Струмица.

„Во рамките на овој проект имаме околу 15 партнерски организации. Дел од нив соработуваат со нас и во другите проекти кои ги реализираме во текот на годината“, потенцираше Бојана.

Зад Проект Среќа застанаа поп-пејачката и основач Кристина Арнаудова, Благица Ристов и Бојана Мандевска.

„Нашата цел е фокусирана на подобрување на квалитето на живеење, создавање на можности, образование и едукација за децата и младите со помалку можности.“, велат тие за себе. „Бидејќи заедно можеме многу повеќе. Прашање е само дали сакаме?“

Радио МОФ веќе пишуваше за слична акција која се спроведува низ Тетово, на иницијатива на младата Рита Бехадини.

Г.Б.