Организацијата Факултет за работи што не се учат – ФРУ, во рамките на проектот „Активен ГРА(Д)/ѓани“ (Active City (ZENS) денес, 18ти јули, ќе се претстави на Опенхаус Берлин, отворено студио во Центарот за уметност и урбанизам ZK/U во Берлин, каде член од тимот, интердисциплинарниот уметник Филип Јовановски во моментов престојува на резиденција.
„Во рамки на резиденцијалната програма на ZK/U, ФРУ ја претставува работата на долгорочниот проект Лабораторијата за просторно изведувачки практики ГРАДОТ КАКО СЦЕНА, која се реализира во соработка со Архитектонски факултет – во рамките на Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’ во Скопје. Како дел од оваа лабораторија, во рамки на резиденцијата, во текот на јуни годинава, неколку млади уметници, архитекти и студенти, Димитар Милев, Ивана Самандова, Тамара Џерков и Мартина Пенева беа дел од истражувачкиот процес на проектот ОД ‘ЧЕТВРТИ’ ЅИД ДО ‘ДИЈАЛЕКТИЧКИ’ ЅИД“, соопштуваат од ФРУ.
Од таму посочуваат дека проектот ОД „ЧЕТВРТИ“ ЅИД ДО „ДИЈАЛЕКТИЧКИ“ ЅИД, е развиен од архитектите и уметниците, Филип Јовановски и Слободан Велевски за време на Active city(zens) резиденцијата. Проектот ќе биде претставен како дел од овомесечниот ОПЕНХАУС во центарот ZK/U кој ќе се одржи денес, на 18 јули, од 19 до 23 часот.