Едни го сакаат , други не можат да го смислат, но стручната јавност иако тивка, остана на ставот- проектот „Скопје 2014“ е лошо направена работа. Додека професорите по архитектура одлучија да шепотат, нешто погласни беа нивните студенти.
Во неколку наврати со протести тие го искажаа својот револт против узурпацијата на јавниот простор, организираа дебати, повилуваа на одговорност. Неодамна и со петиција дел од студентите по архитектура ги повикаа своите професори на акција за спас на она што останало од Скопје. Генерален став од Архитектонскиот Факултет изостана. Се плашат да зборуваат, вели професорот во пензија, Георги Константиновски, кој никако не може да се помири со како што вели, уништувањето на главниот град.
„Не го силувајте Скопје“ слоганот сеуште се памети, а и Првата Архи Бригада чии членови беа буквално истепани од неистомислениците кога решија да протестираат против изградба на црква или каков било друг верски објект на плоштад.Оттогаш почна и трендот на контрапротести во земјава. Ова се чини беше лекција и за сите останати.
Снежана тогаш беше на средината на своите студии по архитектура. Четири години подоцна со жалење гледа на она што се случува и со ликот на Скопје и со немањето критична граѓанска маса која повикува на промени.
Но фасадата на Владата веќе е договорена. И таа за 9 милиони евра ќе стане барокна. Сосема извесно е дека “модерната“ од фасадите од ГТЦ и ЕВН исто така ќе ја снема. Градот ќе добие и барокни сендвичарници, па дури и катни гаражи во овој стил. Но ова според професорот Константиновски ова не е најстрашно во проектот, тој никако не може да разбере кому му текна да им го земе Кејот на граѓаните и овде да стави згради.
Според последните податоци, „Скопје 2014“ официјално, досега изеде околу 208 милиони евра. Сумата ќе расте, бидејќи сеуште се гради. Стучната јавност е замолкната, студентите фрлени напред како топовско месо. Оние кои минатат недел ја испратија петицијата до Архитектонскиот Факултет, решија да останат анонимни.
„Доколку иницијативата не е разберена добронамерно од факултетот, ние како студенти може да навлечеме одмаздољубивост и да си направиме сериозни потешкотии на патот на студиите. Целта на оваа иницијатива е студентите да престанат да се жртвуваат за градот, додека Факултетот како институција спие“, пишуваат тие во својот допис.
Јасмина Јакимова