Традиционално, по десетти пат, во петок (25 јули) на платото пред Универзалната сала, ќе биде прикажана ревија на наградените филмови од последниот Интернационален филмски фестивал „Астерфест“. Проекциите почнуваат во 21 часот, а настанот се случува како дел од програмата на овогодишното „Скопско лето“.
Проекцијата опфаќа шест кратки филмови: „Бирди“на Ева Коханска (Полска), „Добро време за умирање“ на Сенад Абдули (Македонија), „Измет врз бедата“ на Вијај Јода (Индија), „Литературни мистификации“ на Јорис Клерте (Франција), „Прв поглед“на Јулијана Неухубер (Австрија) и „Нечуен“ на Зигмунд Скалар (Австрија).
Како плод на досегашната соработка помеѓу Дирекцијата за култура и уметност и Тивериополската филмска алијанса, од 2005 наваму успешно се реализирани слични ревии од струмичкиот „Астерфест“ во Куршумли ан, Музеј на современата уметност, Мала станица, Музеј на град Скопје и Кинотеката на Македонија.