Актуелната прозападна претседателка на Молдавија, Маја Санду освои втор мандат по вториот круг на претседателските избори кои се одржаа вчера, јавува Евроњуз.
Според последните податоци на Централната изборна комисија, по преброени 100% од гласовите, Санду освои 55.33% од гласовите, а нејзиниот конкурент, поранешниот јавен обвинител Александар Стојаногло освои 44.67%.
Говорејќи во седиштето на нејзината партија „Акција и солидарност“ во Кишинев, Санду рече дека ќе биде претседателка на сите Молдавци. Но, таа продолжи да тврди дека на изборите се случило „напад без преседан“ преку наводни шеми, вклучувајќи валкани пари, купување гласови и мешање во изборите „од непријателски сили надвор од земјата“.
„Покажавте дека ништо не може да застане на патот на моќта на народот кога тие избираат да зборуваат преку својот глас“, рече таа.
Бројната молдавска дијаспора, која излезе во рекорден број на изборите, гласаше во огромен број за Санду, односно за неа гласаа 271.569 луѓе.
Во првиот круг од изборите кој се одржа на 20 октомври, Санду освои 42% од гласовите. Претседателската функција во земјата носи значителни овластувања во области како што се надворешната политика и националната безбедност и има четиригодишен мандат.