Дебатерите од дебатниот клуб на „Арсени Јовков“ од Бутел, денеска дебатираа на тезата „Професорите треба да бидат платени во зависност од успехот на своите ученици“.
Јавната дебата се одржа во СУГС „Арсени Јовков “ каде присуствуваа професори и ученици а тимовите не го пласираа своето лично мислење туку поделени во афирмативен и негациски тим, беа ставени во позиција да размислуваат колку е унифициран квалитетот на образование, кој се пласира во средните училишта.
Дел од прашањата кои се поставија на дебатата се: дали нивото на едукација може да се подобри и колкава е улогата на професорите во воспитно образовниот процес на учениците, како и дали стекнувањето со знаење зависи од професорите, начинот на кој предаваат, методологијата која ја користат, или пак од волјата на ученици да учат.
Се дебатираше и за тоа кои мерки треба да се преземат за да имаме подобро образование но и како да ги мотивираме оние кои се најодговорни за пренесување на знаењето. Дали менување на платата на професорите според успехот на своите ученици ќе води кон позитивна промена?
Прашањата за кој е соодветен метод на мониторирање на работата на професорите и дискусија како до поквалитетно образование, се теми кои треба да се дискутираат со сите засегнати страни, вклучувајќи ги професорите, учениците, училиштата и Министерството за образование. Треба да се креира модел кој е соодветен во пракса и кој нема да им наштети ни на професорите ни на учениците, а ќе ја прикажува вистинската слика за состојбата во образованието и ќе се залага за негово подобрување, беше истакнато на дебатата.
Членовите на Дебатниот клуб веќе неколку месеци учествуваат на дебатни турнири, имаат редовни неделни предавања за дебата каде што стекнуваат ораторски вештини, ги зголемуваат своите аналитички способности и се дружат со своите врсници, припадници на различни етнички заедници и култури.
Оваа активност е реализирана во рамките на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието во соработка со Дебатната програма на Младински образовен форум која цели кон подобрување на културата на дијалог, зајакнување на нивото на аргументираното говорење, поттикнување на општествена дискусија на релевантни теми и интеграција во општеството.