Професорите штрајкувачи при средното училиште „Зеф Љуш Марку“ во Скопје преку писмо до медиумите денеска соопштија дека нема да ги прифатат резултатите од екстерното тестирање на IV година во средните училишта.
„За жал, деновиве бевме сведоци на некои активности што и противречат на нашата професионална етика. Во понеделникот (26.01) претседателите на одделенските заедници од вкупно 18 класа, одржаа состанок и решија да го бојкотираат екстерното тестирање. Но, врз нашите ученици веднаш започнаа закани, заплашувања, постојани и разни притисоци (за што сведочи и гореистакнатиот транспарент ставен од страна на учениците) дека ако го бојкотираат тестот на крајот на учебната година ќе бидат казнети со слаба оценка од соодветниот предмет и ќе немаат право на повторно тестирање“, велат професорите од ова училиште.
Новинарката на Радио МОФ вчера го посети ова училиште каде директорот тврдеше дека само 30% од наставниците штрајкувале, додека преполна сала со наставници тврдеа дека речиси сите штрајкуваат.
Штрајкувачите велат дека од страна на професорите тестатори, на учениците им биле давани готови одговори, „ризикувајќи го на тој начин поголемиот број на своите колеги професори штрајкувачи, кои во голем број веќе се оштетени и понижени, поради истите пропусти направени изминативе години“.
„Неидентификувањето на учениците пред тестирањето остава можност за манипулации и сомневање за бројот на ученици кои се тестирани, доека според информациите од самите ученици, имало случаи ист ученик да влезе на тест неколку пати, за себе и за други ученици кои не се појавиле на тест. Сето ова се случуваше пред очите на инспекторите. Останувајќи доследни на првичните барања на Синдикатот за образование- за укинување на екстерното тестирање и убедувајќи се уште повеќе последниве денови дека резултатот што произлегува од таквиот начин на вреднување (којшто е потполно спротивен со критериумите за вреднување определени од Биро за развој на образованието), може да се нарече секако – но не и “подобрување на квалитетот на образованието”. Ние, наставниците, тие што го сакаат образованието и кои постојано ги бараат вистинските вредности кај младите, денес повеќе од било кога сме убедени дека нашите барања се најреални и најправедни“, се вели во денешното писмо на професорите штрајкувачи на СУГС “Зеф Љуш Марку” Скопје.