Професорката Душица Богдановска-Стегњаја: Сѐ уште сонувам дека предавам

Со дневникот на маса помина 23 години од животот, исполнет со врева, џагор, многу прашања и уште повеќе одговори. Пред четири години замина во пензија, но како што и самата ќе каже – еднаш професор, цел живот професор.

„Сѐ уште сонувам дека предавам и едвај чекам некој од помладите генерации да ме праша нешто врзано за литература и за македонскиот јазик. Тогаш можам да зборувам без престан 45 минути“, низ смеа вели Душица Богдановска-Стегњаја, една од најомилените професорки од скопската гимназија „Орце Николов“. Некогашните ученици велат дека е професорката што ќе ја паметат целиот живот. Tаа што ги научила да ги ценат и читаат книгите, но и да си го сакаат својот јазик.

„Учениците често ме прашуваа зошто сум станала професор, токму ваков професор. Им одговарав дека јас сум сето она што не сакав да бидат моите професори. Она што го мразев кај моите професори, во основно и средно, се обидов да го отстранам. Тоа ми беше предизвик. Откако се определив за професор, се запрашав – дали ќе бидам како нив? А тоа не ми се допаѓаше. Морав да се сменам во нешто многу поведро, порадосно, поинтересно за учениците. А не, да влезам во клас со црвениот дневник и учениците да треба да паднат во несвест затоа што денеска имаме повторување“, раскажува професорката.

Прво предавала како професор во својот роден град, Гостивар, за извесно време наставничката работа да ја замени со лекторство, новинарство и библиотекарство. Но, не издржала. Во 1995 година станува професорка во „Орце“. Кога сега гледа наназад, жали само поради тоа што како наставник не го минала целиот работен век.

„Јас сум професор кој сака да ги провоцира учениците, на еден позитивен начин. Ученикот треба да се испровоцира за да му се допадне математика, за да му се допадне литература. Кога учениците доаѓаат од основно, во гимназија, имаат голема одбојност кон лектирите. Само кога ќе го споменев зборот лектира им се креваше косата на главата. Ги прашував, зошто тој збор толку ве нервира? Доаѓаа со омраза кон читањето. Јас секогаш сум ги провоцирала со некој интересен дел од книгата, по што ќе оставам простор тие да ја прочитаат, да заборават дека е лектира, да го заборават и терминот лектира. Такви нешта верувам дека има и во другите предмети, во физика, во хемија…“, вели професорката.

За реформите во образованието вели дека се и повеќе од потребни, посебно во делот на лектирите.

„Програмата по македонски јазик, почнува со Гилгамеш, со епот во кој главно се поставува прашањето – дали јас ќе умрам? Во прва година. И завршува во четврта година, со делото „Смртта на Иван Илич“,  кое завршува со реченица „се врати дома, легна и умре“. Некако, изборот на литературата, прашањата кои се третираат ми е многу чуден. Па како јас да испровоцирам 15-годишно дете да се запраша – дали јас ќе умрам? Изборот на делата треба да се смени, а како растат учениците, така треба да се поставуваат прашањата од животот. И она што најмногу замерувам на програмата, е многу малку посветеност на македонската национална литература. Тоа мора под итно да се смени“, децидна е професорката.

Сепак, додава, не треба да се прават реформи, колку да се направат.

„Искрено да ви кажам, јас не верувам дека постои некој кој има јасен концепт какви треба да бидат тие реформи. Цело време се споменуваат скандинавски земји, дека таму имало најдобро образование, цело време се удираме во гради, а ретко кој од нас некогаш бил во Скандинавија да види како изгледаат тие реформи. Никој не кажува дека половина од тие часови се држат во природа, во специјално опремени кабинети, дека се слободни. Ние само зборуваме за реформи, но не и како, каде, што? Не верувам дека некој ќе направи некакви реални реформи. Ако мене ме прашувате, јас би го вратила стариот систем. Имаше некој чуден и одговорен однос и од страна на учениците, и од страна на наставниците“.

Она што ја загрижува е губењето на достоинството на наставничката професија. За мене, вели, платата никогаш не била проблем.

„Општеството треба да поведе повеќе сметка за некои професии, меѓу кои и наставниците и ако овој тренд продолжи, наставниците ќе се најдат во многу незавидна положба. И тоа е како бумеранг. Наставникот доаѓа незадоволен на час, ученикот незадоволен му возвраќа на наставникот со незнаење и лош однос. Едното води кон другото. Мора да се променат некои работи. Да престанат наставниците да бидат за се виновни. Да сфатат дека наставникот е толку оптоварен со самото предавање, што навистина не му треба електронски дневник каде 4 пати ќе се пишуваат имиња и презимиња за сите ученици. Наставникот треба да се предаде на наставата. Само така ќе се постигне успех“.

Честитајќи им го на своите колеги денешниот Ден на наставниците, таа има само една голема желба за во иднина – најдобрите ученици да одберат да станат наставници.

„Наставниците се навистина многу важни во животот на еден човек. Ова е прекрасна професија која не ја делам на машка и женска. Би посакала најдобрите ученици да се определат за оваа професија, а не како досега, кога ја бираа обично послабите ученици. Сакам во образование да влезат најдобрите и најквалитетни кадри, да завршат и да работат со ученици. Би сакала што повеќе квалификувaни професори, не со диплома, туку со знаење“, посакува професорката Душица Богдановска-Стегњаја.

Ј.Ј.