Професор д-р Јусуф Зејнели е избран за нов ректор на Универзитетот во Тетово.
„Со мнозинство на гласовите од академскиот кадар на 13 факултети, проф. д-р Јусуф Зејнели е избран за ректор за следниот тригодишен мандат 2023-2026. Право на глас имаа 334 членови на академската заедница, од кои 302 го искористија своето право на глас. При тоа, професорот Зејнели доби 260 гласа“, информираа од Универзитетот.
Професорот Зејнели предава на Правниот факултет при Државниот универзитет во Тетово.
Во трката за ректорското столче со Зејнели беа проф. д-р Башким Зибери кој доби 14 гласа, проф. д-р Дервиш Алими со 27 гласа и проф. д-р Миќереме Руси со 1 глас.
Инаку телевизијата Алсат вчера објави дека тројцата кандидати Зибери, Алими и Руси вчера вечерта ги повлекле своите кандидатури. Причина за тоа, како што јави Алсат, се нивните сомневања дека изборите се наместени во корист на Јусуф Зејнели, зад кого се тврди дека стои ДУИ.
Огласот за избор на нов ректор на Универзитетот беше првично објавен на 18 мај, по што Сенатот на 29 мај го поништи и донесе одлука за објавување нов оглас.
„Причините поради кои се донесе таква одлука се единствено поради фактот постапката за избор на ректор да се врши без притисоци од јавноста и други трети страни поради кои се нарушува институционалниот интегритет на Универзитетот и се остава простор за заткулисни намери“, соопштија тогаш од Универзитетот, а пренесе Сакамдакамжам.мк.
За постапката за избор на ректор одговорна беше Универзитетската изборна комисија формирана од страна на Сенатот. Ректорите ги презентираа своите програми шест дена пред вчерашните избори.