Универзитетскиот професор Здравко Савески тврди дека спротивно на законот добил отказ од работното место на Универзитетот ФОН. Ваквата одлука додава дека е незаконска бидејќи во услови на штрајк, тој како синдикален лидер не може да биде отпуштен за синдикални активности. Од универзитетот ФОН пак уверуваат дека проблемот е надминат.
„Вчера спротивно на закон одредби во услови на штрајк бев отуштен од работа од ФОН универзитет бидејќи сум синдикален претставник на мултиетничкиот синдикат на образование при ФОН универзитет и бидејќи во тек е штрајк на ФОН, повторно спротивно на закон, синдикалниот претставник со цел да биде гласноговорник за правата на членовите на синдикатот има законска заштита и не може да биде отпуштен од работа“, вели Савески за Радио МОФ и додава дека нема да им дозволи на газдите да го кршат законот и да мислат дека се над законите.
Ситуацијата на универзитетот ФОН е алармантна, појаснува професорот и открива дека на вработените им се должат плати уште од февруари, а хонорарите ги чекаат подолго од една година.
Од Универзитетот ФОН пак за „Плусинфо“ потврдуваат дека имало проблем со исплата на плати, но тврдат дека тој е надминат.
„Имавме мал проблем со платите, неколку месеци, поради тоа што ФОН немаше своја зграда. Сето тоа е решено, универзитетот е профитабилен, функционира одлично. Јас сум директор и работодавач и немам раскинато никаков договор, немам дадено отказ на Савески ниту на кој било друг. Вчера имале вербална расправија со ректоратот или со управниот одбор, но јас бев на пат и денеска во медиумите прочитав. Веројатно, Савески е загрижен за својата работа, бидејќи додека се соочувавме овие месеци со потешкотии, тој не држеше предавања и не доаѓаше редовно на работа“, изјави за „Плусинфо“ генералниот менаџер на ФОН Сефер Цаноски .