Иницијативата Професорски Пленум денеска објави соопштение во кое се вели дека тие имаат само една сугестија до Владата за измените на Законот за високо образование (државниот испит), а тоа е веднаш да бидат повлечени.
„Одговор на Професорскиот Пленум по повод замолницата на Владата за испраќање сугестии за предлог-измените на Законот за високото образование.
Почитуван Премиер на Република Македонија,
Професорскиот пленум со особено задоволство Ви соопштува дека има една сугестија за предлог-измените на Законот за високото образование: Повлечете ги веднаш“, гласи соопштението.
Пред два дена лично премиерот Никола Груевски дојде насреде прес конференцијата на Професорски Пленум и во моментот кога говореше професорката Билјана Ванковска, ги покани професорите да дојдат на дебата каде сакаат.
„Сакате во Собрание да отидеме?, рече Груевски.
„Сакаме во Собрание.“, одговори професорката Ванковска
Груевски:„Може сега да одиме таму?“
Ванковска:„Апсолутно.“
Груевски: „Ајде во 13 и 30 сме таму, ве чекам.“ Видеото од целиот разговор може да се погледне на следниот линк на Радио Слободна Европа.
Иако во првиот момент професорката Ванковска ја прифати поканата, подоцна професорите дојдоа пред Собранието и дадоа изјава дека нема да влезат на собраниската дебата бидејќи таа не е правно втемелена и според законските процедури. Според професорите, дебата е прифатлива само по повлекување на предложениот закон, но и во законска процедура каде премиерот не закажува дебати во Собранието.