Предлог-законот за високо образование, којшто Владата на Република Македонија го достави до Собранието на Република Македонија, е значаен исчекор во уредувањето на материјата на високото образование, особено во поглед на уредувањето на автономијата и на слободата на академската заедница, системот за обезбедување квалитет на високото образование и напредувањето во академската кариера, сметаат Професорскиот пленум и Независниот академски синдикат (НАкС) по разгледувањето на Предлог-законот.
„Веруваме, дека ова се должи, меѓу другото, и на инклузивниот процес на подготовка на предложените законски решенија, во кој академската заедница преку универзитетите и другите типови формално и неформално организирање беше активен чинител во создавањето на правната рамка на високото образование. Ова е првиот закон за високото образование во чиј процес на изработка непосредно беа вклучени и професорите и студентите. Оваа практика, воспоставена од надлежното министерство, треба да биде пример како се градат развојни политики“, велат ПП и НАкС во заедничкото соопштение до јавноста.
Нивната генерална оценка е дека Предлог-законот создава основа за подобрување на квалитетот на високото образование во Република Македонија, како и за надминување на идентификуваните слабости и недоследности во сегашната правна рамка.
Особено преку: широкиот опфат на гарантираните академски слободи, гарантирањето на автономијата на универзитетите, што се одразува преку автономија во организацијата, управувањето со средствата и кадровските прашања, децентрализација на управувањето во високобразовните установи којашто, истовремено, го поддржува концептот на интегриран универзитет; појасното дефинирање на системот на финансирање на јавните високообразовни установи; мерките и механизмите за осигурување на квалитетот на високобразовната дејност; прецизирањето на прашањата со кои се уредува студентското организирање, како и учеството на студентите во процесите на донесување одлуки на високобразовните установи“, се вели во соопштението.
Сепак, на став се дека Предлог-законот содржи и одредени недоречености коишто, се надеваат, ќе се отстранат при собраниската расправа по истиот.
„Имено, сметаме, а тоа го истакнувавме како наша позиција во постапката за изработка на предлог-законот, дека законот треба да ја зајакне кадровска автономија на универзитетите како неразделив сегмент од уставно загарантираната автономија и јасно да ги одреди правилата за формирање на платите на наставниот кадар во јавните високообразовни установи“, велат од ПП и НАкС.
Во овој правец, сметаат дека во одредбите на Предлог-законот со кои што се уредува кадровската автономија, треба да се додаде и правило дека за вработување во јавните високообразовни установи, согласно актите за систематизација за место за кое претходно било дадено одобрение. Односно, велат тие, биле обезбедени финансиски средства, а кое се испразнило заради престанок на работен однос на вработеното лице, не е потребно повторно одобрение од надлежните органи, доколку новото вработување се реализира во рок од една година од престанокот на работниот однос и доколку новото вработување е на истата научна, односно уметничка област.
„Во поглед на финансирањето на јавните високообразовни установи, на став сме дека законот треба да го определи минималниот износ на платите на наставниците, кои што би биле соодветни на платите во јавниот сектор а согласно наставно-научните звања и обврска на државата тој износ да се достигне во одреден временски период“, стои во соопштението.
Професорскиот пленум и НАКС, при своето учество во процесот на креирање на предлог-законот се воделе од максимата дека „силни универзитети се закана за секоја власт, но дека слаби универзитети се закана за иднината на државата“.
„Се надеваме дека, конечно, во Република Македонија ќе се создаде правна рамка којашто ќе го овозможи и поддржи развојот на универзитетите и ќе ги поттикне да станат моќни и активни чинители во општествениот развој“, соопштуваат ПП и НАкС.