Професорски пленум сè уште бара одговор од Сенатот за исечените дрвја на УКИМ

Професорски пленум преку својот блог го повтори своето барање за одржување на јавна вонредна Седница на Универзитетскиот Сенат на УКИМ, на која треба да се одговори кој дозволи да се исечат педесетината дрвја во паркот пред Универзитетот и да почнат градежни активности.

Од пленумот појаснуваат дека барањето за итната вонредна седница е доставено пред повеќе од еден месец со три точки на дневен ред: Дали имало и кој ја издал дозволата за сечење дрвја во паркот на Универзитетот, дали имало официјален повик и кој го издал повикот специјалната полиција да влезе на територијата на Универзитетот како и информација за процедурата и правната основа за започнатите градежни активности во рамките на Кампусот.

„На 29.12.2015, пред одржувањето на редовната седница на Сенатот на УКИМ, дваесет и еден (21) од вас, почитувани Сенатори, го поддржаа и потпишаа барањето за јавна вонредна седница на Универзитетскиот Сенат при УКИМ, со што беше задоволена статутарната определба. Овој чин, кај нас вашите колеги, го засили верувањето дека сепак има достоинство во нашата фела, особено што и на студентите и на јавноста им должиме објаснување за сите случувања во Кампусот на УКИМ. Согласно со Статутот во поглед на иницирање вонредна седница, Ректорот проф. д-р Стојковски на самата седница изјави (како што беше и објавено во многу медиуми) дека ќе има вонредна седница но, дека тој дополнително ќе одлучи за точниот датум“, велат од пленумот и додаваат дека седница се уште не  е закажана.

 

Од Професорски пленум додаваат дека се загрижени за автономијата на високото образование, дигнитетот на академската заедница и квалитетот на образованието. Тие ги повикуваат сите сенатори, на редовната седница закажана за 28 јануари, да инсистираат на закажување на вонредната седница за да се расчистат сите нејаснотии околу сечата и градежните активности во кампусот на УКИМ.