Поради напливот на мигранти е прогласена кризна состојба во регионот на јужна и северна граница, соопштија од Министерството за внатрешни работи.
Како што соопшти портпаролот на МВР, Иво Котевски, одлуката е донесена од Владата на вчерашната седница и со неа се отвара можност за соодветен ангажман и на армијата.
„Заради зголемениот притисок на јужната граница и се поголемиот интензитет на транзит преку таканаречениот балкански мигрантски коридор, но и состојбата во глобални рамки, беше проценето дека е неопходна дополнителна, зголемена и поефикасна контрола на граничниот појас каде се регистриранимасовни илегални преминувања од грчка страна“, велат од МВР.
Оттаму побараа помош од страна на ЕУ за сите земји што се најзасегнати од мигрантската криза, како и солидарно да се сподели товарот на соочувањето со овој предизвик.
Само во изминатите 24 часа биле издадени се потврди на 1.327 странски државјани, за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил. Во изминатите два месеци, откако стапија на сила измените во Законот за азил, вакви потврси се изадени на повеќе од 40 000 странски државјани. Од нив најбројни се Сиријците, Авганистанците, Ирачаните и Пакистанците.
Од започнувањето на издавањето на потврдите до денеска, до Одделението за азил се поднесени 47 барања за признавање на право на азил врз основа на претходно издадена потврда.