Тридневна жалост предмалку прогласи Владата на Република Северна Македонија поради несреќата која се случи околу 2 часот по полноќ на магистралниот пат „Струма“ во Бугарија, а во која загинаа 45 лица од кои 12 малолетници, односно најголем број македонски државјани.
„За денови на жалост се прогласени денешниот ден, утре и задутре, односно од 23 ноември заклучно со 25 ноември (вторник, среда и четврток), а за време на деновите на жалост знамето на Република Северна Македонија, како и на дипломатските претставништва на земјата во странство, ќе биде истакнато на половина копје. Се одлагаат сите јавни настани, а медиумите треба да ги прилагодат своите содржини соодветно на прогласената тридневна жалост“, стои во соопштението на Владата.
Бугарската новинска агенција јави дека ден на жалост прогласила и општината Благоевград за загинатите во несреќата, но и за жртвите во пожарот кој вчера се случи во старечкиот дом во селото Ројак.
Останатите седум патници кои биле во автобусот, како што соопшти министерот за здравство Венко Филипче се згрижени во болницата „Пирогов“ во Софија и се надвор од животна опасност.
„Сите се во стабилна здравствена состојба, односно никој не е во животозагрозувачка состојба. Станува збор за полесни повреди, контузии, исекотини кои се одлично третирани, санирани од нашите колеги. Има само еден пациент кој што има скршеница и уште некои дополнителни анализи ќе треба да се прават, за да видиме дали ќе биде потребен хируршки зафат. Се договоривме да бидеме во контакт сега, овие денови, за после целосното стабилизирање, пациентите ги префрлиме на натамошен третман во Скопје“, изјави Филипче.
Во автобусот на компанијата „Беса Транс“ патувале 52 патници од Истанбул кон Северна Македонија, а причините за несреќата засега не се познати. Автобусот бил само еден од четири кои патувале на истата рута, а како што јавува „БНР“ останатите три автобуси се вратиле во Македонија.
Пред седиштето на компанијата се собраа роднини на патниците кои биле во автобусот, барајќи информации за нивните блиски, додека полицијата го обезбедува објектот.
Во Министерството за надворешни работи пак почна да функционира кризен штаб во врска со несреќата, а објавен е и телефонски број – 075/273-732 на кој роднините може да се јават и да побараат совет.
„Истовремено, Ве информираме дека веќе двајца наши вработени се упатени на испомош во Амбасадата на Северна Македонија во Софија со цел да помогнат околу сите процедури поврзани со трагичниот настан“, додаваат тие.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски преку Фејсбук претходно соопшти дека тим на ресорното министерство, предводен од помош директорот униформирана полиција, составен од претставници на Секторот за сообраќајна полиција и Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења е на пат за Бугарија.
„Стои на располагање за помош и поддршка на бугарските колеги. Очекувам брза и сеопфатна реакција на надлежните служби“, напиша Спасовски.