На свеќен настан во Град Скопје денеска беа доделени наградите за најдобиот пожарникар, полицаец и крводарител за 2017 година. За Најдобар пожарникар е прогласен Џеват Ибраими, командир на одделение во Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, најдобар полициски службеник за 2017 година е Зоран Павловски, вработен во Одделението за безбедност на патниот сообраќај при Секторот за внатрешни работи – Скопје, а за најдобар крводарител е Зоран Стојменовски.
„Хуманоста е општествена вредност. Таа е дел од нашите принципи. Таа е дел од нашата етика. Скопје е Град на солидарноста и како таков ги негува традициите на хуманост и солидарност спрема сите оние на кои им е потребна помош. За таа цел Град Скопје дополнително ги мотивира оние што најмногу придонеле за промоција на хуманоста со своите дела“, истакна заменик-градоначалникот на Скопје, Енвер Малиќи.
Пожарникарот Џеват Ибраими во текот на 2017 година се истакнал со особено ефикасно и успешно работење. Имено, во рамките на неговата работа учествувал во гаснењето на повеќе пожари и технички интервенции и придонел за намалување на материјалните штети, како и за спасување човечки животи.
Најдобриот полицаец за 2017 година е Зоран Павловски, вработен во Одделение за безбедност на патниот сообраќај при Секторот за внатрешни работи – Скопје, кој во текот на 2017 година остварил надпросечни резултати и пожртвувано ги извршувал службените задачи.
Зоран Стојменовски е истакнат крводарител кој започнал да дарува крв во 1988 година, а до својата 52-ра година има дарувано крв 104 пати. Тој активно учествувал во сите редовни и вонредни крводарителски акции и неговата хуманост претставува пример и поттик за сите млади луѓе да бидат крводарители и да спасат човечки живот.