Победникот од лани, тимот „Togepi Crew“, годинава во малку поразличен состав и под друго ја освои првата награда на третото издание „Codefest“ што се одржа викендов во Охрид. Годинава тие се претставија со едукативна „augmented reality“ апликација преку која фотографиите од школските учебници преминуваат во 3Д модели со цел да се олесни учењето.
Второто место на „Codefest“ го освои тимот „Coding Mates“ кои развиваа веб софтвер преку кој пациентите можат директно да комуницираат со доктори и самите непосредно да си закажуваат прегледи. Третата награда пак отиде кај тимот „Developer’s Case“, чии членови развиваа иновативно решение, комбинација на хардвер и софтвер со помош на кој би се намалил бројот на незгоди во сообраќајот преку вградени сензори во возилата и сигнализацијата.
Годинешниот „Codefest“ на едно место успеа да собере на едно место голем број талентирани и способни студенти, професионалци од академските води и бизнис секторот, претставници од ИТ компании, инспиративни говорници и 32 часови непрекинато кодирање под мотото „Истрага на местото на кодирањето“.
Во текот на настанот имаше разновидност од работни сесии, забавни активности, панел дискусии на разни теми, говори, презентации. Свои обраќања имаа Ербил Караман, продукт менаџер во Facebook Лондон, Асиф Раџа, основач и генерален менаџер на Mindmakr, британска компанија, платински партнер на настанот, со работно искуство во компании како Apple, како и Марко Чаласан, македонскиот компјутерски гениј кој ги мотивираше тимовите со свое обраќање пред почетокот на финалните презентации.
Меѓу идеите кои се презентираа на Codefest оваа година можеше да се забележи разновидност на општествено применливи идеи кои имаат вистинска можност да се реализираат и да станат реални продукти кои ќе им помагаат на луѓето.
Покрај главните, награди се доделија и во категориите Иноватор, најдобра бизнис апликација, Нинџа талент, најдобро веб решение, најдобра мобилна апликација, најдобар дизајн, итн. Особено интересна беше апликацијата „Betty“, која претставува систем со препораки за обложување на паметен начин.