Како старее населението во Македонија, стареат и производителите на домашна храна и вино. Просечната возраст на македонскиот земјоделец е 56 години и млади земјоделци има малку. Непостоењето градинки, старечки домови и образовни институции е број еден проблем на младите во руралните средини, потенцијалните земјоделци. Три четвртини сакаат да останат во своето место на живеење и не бараат ништо повеќе од поширока палета на образование, можности за вработување и остварување дополнителни приходи.
До овие наоди доаѓа Деспина Поповска Стојанов, истражувачка на Земјоделскиот институт во Скопје чиј фокус се младите земјоделци и руралниот развој, а моментално подготвува и докторска дисертација на оваа тема.
![](https://www.radiomof.mk/wp-content/uploads/2025/02/despina-popovska-stojanov-e1739282137825-266x300.jpg)
Фото: Земјоделски институт – Скопје
„Ситуацијата со работната сила е навистина сериозна и критична. Тешко се наоѓаат работници и според истражување за кое одам на терен и мериме еден работник за колку време може да изведе една операција, на пример колку може да скрои или да обере во рок од 8 часа, работниците не се 56 години, туку 70+. Не само што опаѓа бројот на млади, опаѓа и општиот интерес за земјоделскиот сектор во последните години. Останува само старата популација која води фарми, се додека не дојде период кога веќе физички нема да е во можност. А, преносот на помладите оди многу тешко“, забележува Поповска.
Според истражувачката, најголемите проблеми се поради нерешавањето на земјоделските поседи, поделеноста, исцепканоста. Односно, вели, најпрвин проблемот е во самите рурални средини каде за младиот човек да се задржи треба да се реши сиромаштијата, маргинализацијата и недоволниот простор за работа и образување, како и транспортот и патиштата. Од друга страна, додава, проблем има и во образованието со оглед на тоа што годинава на Земјоделскиот факултет при УКИМ се запишале околу 50 студенти на сите смерови.
„На времето биле по 500 студенти кои генерално сакале да продолжат да се занимаваат со тоа земјоделство. А, сега и од тие 50, веројатно само 10-20% сакаат да го работат тоа во иднина. Пример, ако млад фармер сака нешто да почне, тој најчесто или нема негова површина, или има ама не е доволна, или пак поседува три парцели по два декари на различни места. А, не може многу да направи со тоа“, појаснува таа.
И земјоделието е дигитализирано, но му фали внимание
Земјоделството моментално е маргинализирано и на него се гледа како на нешто демотивирачко и деградирачко затоа што сѐ уште го замислуваме како „земаш лопата и одиш да копаш“, иако веќе има многу можности за младите да започнат бизниси со нови технологии, посочува Поповска. Поради ова, од годинава е формиран смерот Дигитално земјоделство на факултетот во Скопје.
„Имам група од неколку млади фармери со кои поблиску соработувам. Тие навистина се задоволни од своето производство и за ништо не би го смениле. Тие се земјоделци, горди се на тоа, посетуваат обуки, се дигитализираат, вклучени се во некои мали проекти па разменуваат искуства во земјава, странство и на Балканот. Потоа ги применуваат технологиите овде и се супер задоволни. Но, тоа е сепак сѐ уште една мала и незначителна бројка“, раскажува истражувачката.
Прогнозите, вели, се навистина страшни и доколку нешто не се промени во иднина, ситуацијата ќе стане уште полоша и ќе бидеме позагрозени. Моменталните политики кои вклучуваат стратегии и мерки за младите земјоделци, руралните жени и стартап бизниси за земјоделство не ги смета за доволни. Затоа бара земјоделскиот сектор да се оцени како еден од клучните за државата и да му се обрне многу поголемо внимание.
Патријархат потпрен на институционален недостаток
„Некако се е турнато на страна или во заден план (н.з. земјоделскиот сектор), а навистина е потребно да исплива напред. Потребно е да се посвети големо внимание на младите, а особено на младите жени кои се двигател на унапредувањето на секторот. Доколку се таргетираат оние кои навистина имаат потенцијал и се поддржат можат многу да придонесат за развојот. Треба да има повеќе мерки, но не во вид на директно плаќање како што има сега, туку да се отворат повеќе можности. Тие да посетуваат обуки како да отворат свои бизниси, да излезат надвор од Македонија и да видат како таму функционира една рурална жена во нејзината средина, како води фарма“, смета Поповска.
Како примарен проблем на жените во руралните средини таа го наведува патријархалниот начин на живеење за кој вели дека можеби колку-толку е надминат во градовите, но тоа не е случај во селата.
„Непостоењето на градинки, старечки домови и образовни институции не им дозволува да почнат да размислуваат да се бават посериозно со земјоделство. Тие секако се вклучени и голем дел од нив покриваат секојдневни активности, но не се носители на фармата, иако вршат можеби и поголем дел од работата“, поентира таа.
Преку директни плаќања до социјална стабилност
Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, пак, велат дека мерките на поддршка во форма на директни плаќања имаат позитивно влијание на дополнување и зголемување на приходите на земјоделските производители.
„Поддршката игра клучна улога во одржливоста на дејноста за најголем дел на македонските земјоделски стопанства, односно придонесува во зголемување на развојниот и инвестиционен потенцијал кај оние со поголеми производни капацитети и подобро управување со бизнисите. Преку надополнување на приходите на земјоделците и одржување на земјоделското производство директните плаќања влијаат и на обезбедувањето на социјална стабилност на руралното население, особено она кое живее во подрачја со природни ограничености“, истакнуваат оттаму.
Подобрувањето на конкурентноста и одржливост на приходот на земјоделските стопанства, влијанието на климатските промени и прилагодување кон истите, како и обезбедување на одржлив развој на руралните средини се генералните точки кон кои, како што велат, се насочени во Министерството.
„Подобрената инфраструктура во руралните средини, модернизацијата – механизацијата која би заменила човечко присуство би дало поволни резултати секако и поголема вклученост на жените во земјоделството. Жените се клучни за македонското земјоделство. Имаме поддршка за жените – кои се регистрирани земјоделки. Тие се од големо значење за одржување на малите земјоделски бизниси и за намалување на родовата нееднаквост што постои во земјоделството“, наведуваат тие.
Дополнително, посочуваат дека имаат и финансиска поддршка за активен женски член во земјоделско домаќинство и во програмата за финансиска поддршка на руралниот развој по другите мерки жената добива повеќе бодови при рангирање за користење на финансиска поддршка т.е. жената има предност при аплицирање за мерките.
„Нема стопанство каде што жената не е вклучена. Министерството преку мерките и финансиската поддршка сака да има даде посебен акцент и ветер во грб за да започнат да размислуваат за финансиски бенефит од својот бизнис“, велат оттаму.
До кога ќе издржат капацитетите на државата доколку продолжи ваквиот пад на производители на домашна храна од Министерството велат дека не би било благодарно да даваат претпоставки.
„Како што знаете се прават мерки и програми за да се мотивираат земјоделците да се занимаваат со земјоделство. Нашата тенденција е да се врати довербата на земјоделците и заеднички да дадеме максимални заложби за активација, модернизација како и за отворање на нови пазари и промоција на квалитетни производи од нашата земја“, нагласуваат оттаму.
Поголема откупна цена и поголеми субвенции: Предлог-мерки од младата струка
![](https://www.radiomof.mk/wp-content/uploads/2025/02/kristina-vanevska-1-212x300.jpg)
Фото: Земјоделски факултет при УГД
Како земја која со години се промовира како винска, Македонија подготвува сѐ помалку кадри остручени за производство на вино. Енологијата единствено се изучува во втор циклус студии на Земјоделскиот институт при УКИМ, а на УГД е укината како смер, објаснува Кристина Ваневска, една од последните дипломирани инженери агроном-енолози. Како што вели младата девојка, интересот за овие науки е исклучително мал.
„На енологија бевме три колешки кои посетувавме редовна настава. Другите две се откажаа и до дипломирањето веќе бев сама на смерот. Јас бев последна генерација што ја изучуваше оваа наука, сега воопшто нема повеќе смер Енологија (во прв циклус студии) во Македонија. Некој ќе рече ‘правиш само вино, нема филозофија, нема некоја работа’, ама, всушност, правењето вино е своевидна научна уметност. Од исто грозје, можеш да направиш различно вино со различни вкусови, да го ферментираш повеќе или помалку… што и да сакаш, се’ можеш да направиш“, раскажува Ваневска, додавајќи дека плодна почва, како онаа во Овчеполието од каде потекнува, е клучна за квалитетен производ.
„Мала држава сме и не можеме да ги постигнеме Франција и Италија, на пример, но нашето грозје во некои делови е многу поквалитетно од нивното. Тоа е така затоа што можеш поквалитетно и пооргански да го одгледаш. И тука се прскаат, не дека не, но можеш да го третираш и да го заштитиш. А таму, речиси секоја недела го прскаат“, потенцира енологот.
Според нејзиното досегашно работно искуство луѓето кои работат земјоделие се многу повозрасни, дури и пензионери. За да се привлечат повеќе млади, смета, потребно е да се покачат субвенциите и да се зголеми откупната цена на производите.
„Младите единствено помагаат на татковците и дедовците кои веќе започнале бизнис, но многу слабо. Во земјоделието навистина има профит, но има и многу работа. А, притоа, откупната цена е многу мала. На пример, земјоделецот произведува здраво гројзе или пченка, а му го откупуваш за ситни пари и натаму со преработка го продаваш многу поскапо и имаш многу поголем профит, а воопшто не си го направил ти производот. За да се даде мотивација, треба да се зголеми откупната цена на производите. Затоа што земјоделците многу се трудат и не е во ред да им го земеш производот по мала цена“, посочува Ваневска.
Таа во разговорот со Радио МОФ заклучува дека се потребни промени, затоа што, како што вели, земјоделието е дефицитарна, а примарна наука: „Ако нема земјоделие – нема храна, а без храна не може да се живее“.
„Исплатливо ли е да се биде гладен?“
![](https://www.radiomof.mk/wp-content/uploads/2025/02/476248246_599842626147958_1835023486820810697_n-225x300.jpg)
Фото: Градината на Филип / Фејсбук
Во време кога има бунт, гнев и бојкот против скапата храна, од друга страна никој не сака да се занимава со производство на храна, особено не младите, смета Филип Димковски, дипломиран агроном кој одгледува своја градина, лозје и овоштарник.
„Не ‘поминуваат’ изговорите дека не е исплатливо, дека државата не помага, не вложува и т.н. Дали е исплатливо да се биде гладен? Или сето ова се изговори за да не се признае мрзата и неспособноста како и неодлучноста да се земе мотика в раце и да се сработат барем 50 метри квадратни и да се произведат барем основните зеленчукови култури. Секако тука мислам на луѓето што се физички здрави“, пишува тој на неговата платформа „Градината на Филип“.
Младиот земјоделец вели дека луѓето ги продадоа овоштарниците во Берово, Делчево, Ресен, веќе никој не сее тетовски грав, нема компири во Берово, се помалку тутун во Прилеп, нивите во Овче Поле и Пелагонија се празни и нема жито. Сето ова „за да живееме во Скопје во стан од 40 квадрати купен со парите од продажба на сливите и нивите и да шетаме на топло во Сити Мол и да си купиме чаша сок која чини 180 денари“.
„Многу е логична ситуацијава. Имено, не ја сакаш земјата, не произведуваш храна и одиш да купиш. Па немој да се лутиш затоа што храната е скапа. Во држава која не произведува речиси ништо мора да се увезува, а цената на храната од увоз ја диктираат тие што ја извезуваат. Оној што го молиш немој да го лутиш оти ќе останеш без храна која очигледно не си способен да ја произведеш“, смета Димковски.
Притоа, заклучува дека како за големи патриоти – многу лесно се откажавме од дедовите ниви и куќи: „Мотика браќа мотика, а не протести, статуси, писанија и тези за тоа кој е крив“.
Ангела Петкова
Со овој текст, Радио МОФ се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.