Све(с)т во транзит е насловот на тематската целина со која утре, (23 јули) во 17 часот на Летната сцена при Центарот за култура во Струга ќе биде отворено второто издание на Фестивалот за процесирање култура ДримON.
Организаторите од Иницијатива за независен културен активизам (ИНКА) објаснуваат дека иницијалниот ден оди во потрага по проспективни рефлексии за иднината. Тие објаснуваат дека неслучајно одбрале иницијалниот ден преку насловот да го покани посетителот на задлабочување во раздвижените глобални состојби.
– Светот преминува во ново доба во кое со подготвена свест треба да си го зачуваме нашето место под сонцето. Граѓанинот, граѓанските иницијативи и мобилизација, ангажирана уметничка свест треба да се тие кои ќе ја понесат улогата од актуелниов предел со пукнатини да го пробијат општеството во посреќни и духовно побогати промени. Од нас зависи какво лице ќе покажеме, дали ќе ја одбереме летаргијата или ќе запливаме спроти бранот кон посреќно опкружување – велат од ИНКА.
Официјалното отворање е со прес конференција во којa, контекстуално на насловот, ќе биде споделено искуството на ИНКА.
– Сосема герилски и постојано на нозе, се изборивме да донесеме во Струга квалитетен фестивал препознаен од заедницата и публиката како духовен бенефит за градот и луѓето кои циркулираат во него – додаваат од Иницијативата.
Програмата на ДримON почнува во 18 часот со работилница со Марко Кројач, авторот на изложбата „МОнуМенти“, која ги прикажува спомениците и приказните кои се зад нив со цел да покаже како се развивале концептите на идентитети во земјите на Западен Балкан од почетокот на 20 – тиот век, па наваму. Од 20 часот е предавањето на Небојша Илијевски, насловено „18%“ кое ги отвора прашањата за тоа колкава е додадената вредност што индивидуално ја должиме во духовниот буџет на општеството. Еден час подоцна ќе биде отворена изложбата на Игор Тошевски, насловена „Предел во транзиција: триптих“, која е коментар на она што е актуелно сега.
Од 22.30 е филмска проекција на „Noviembre“, потресен документарец за бунтот со кој улична театарска тајфа го протресува секојдневието во кое отсуствува правда за малиот човек. Првиот фестивалски ден завршува со полноќен диџејски сет на Јане Алтипармаков.
Целта на ДримON, како што велат од ИНКА, е да се претстават „креативни производи“ кои се темелат на знаење, умешност, љубов, автентичност и корисност, а програмата ги следи современите културолошки текови. Петте фестивалски денови опфаќаат низа предавања, креативни работилници, уметнички, театарски и музички перфоманси, изложби, како и видео проекции на авторски филмови од Македонија. Гостуваат и неколку странски учесници кои доаѓаат од Србија, Германија, Холандија и од Франција. Новина на ова издание е летниот саем на книга на кој публиката ќе види изданија на „ИЛИ ИЛИ“, „Магор“, „Темплум“, „Македоника литера“ и на „Блесок“. Саемот, заедно со базарот на уметнички производи, ќе работи за време на целиот фестивал.
– Како и првото издание, така и овој ДримОN се реализира волонтерски и преку добрата волја од сите вклучени актери, почнувајќи од самите организатори, преку учесниците кои со ентузијазам и без инсистирање на надоместок го прифатија учеството на фестивалот, сè до локалните бизниси и граѓанскиот сектор кои во рамки на своите можности помагаат да се испромовира фестивалот и домаќински да се угостат учесниците во програмата – велат од ИНКА.
Логистички партнер во реализацијата на фестивалот и оваа година е Центарот за култура „Браќа Миладиновци“, а се очекува поддршка и од градоначалникот на Струга, Зијадин Села.