Фестивалот за европски филм „Синедејс“ ја објави програмата за оваа година што ќе се одржи од 13-ти до 22 ноември. Програмата вклучува повеќе од сто филмови, двесте гости, пет работилници и десет концерти.
Огранизаторите на денешната прес-конференција ја објавија официјалната програма на 13-то издание на фестивалот во којашто освен филмовите, се вклучени и работилници за филмска камера, мастер предавања и работилница за филмска критика. Земја во фокус оваа година е Бразил.
„Нам, оваа престапна година, ни е огромен пресврт. Патот кој го градиме истовремено чекорејќи по истиот, е пат, по кој сме водени од силна верба, без скршнувања, и ДА, и инает. Моќни, за овој суеверен јубилеј, се погриживме во текот на годинава да не минуваме под бандера, да не скршиме огледало, никако да не отвориме чадор во нашите канцеларии, а најмногу од сè – да ја одбегнеме црната мачка која упорно гледа во нас“, велат организаторите.
CINEDAYS и фестивалот DORF од Хрватска, посветен на музички документарни филмови, приготвија програма на музички документарни филмови во која се вбројува и документарниот филм за познатиот музичар Ник Кејв.
На CINEDAYS, ќе гостува еден од најголемите релевантни филмски критичари – Бојд Ван Хој кој пишува за Holywood Reporter, Variety, The Times… Бојд во рамките на фестивалот ќе одржи работилница за филмска критика.
И оваа година во соработка со Агенцијата за филм на РМ во рамките на фестивалот ќе се реализира регионална (проширена) EAVE тренинг работилница со светски експерти за развој на филм за македонските филмски продуценти.
Организаторите најавуваат музичко изненадување за отворањето. За затворањето, тие најавија ексклузивен концерт во кино Милениум, Оркестарот на Македонската филхармонија, концерт на филмска музика (музички избор од најдобрите европски филмови во неколкуте изминати години).
Фестивалот се одржува со помош на Министерството за култура, Градот Скопје, Делегацијата на ЕУ во Македонија, како и Агенцијата за филм.
Целосната програма на фестивалот може да се види на овој линк.