Програмата за годинешниот Струмички карневал ќе започне на 6 март со симболичното предавање на клучот од градот на карневалистите од страна на градоначалникот, а завршува на 13 март, објави организацискиот одбор на Струмичкиот карневал.
На 7 март ќе бидат објавени резулатите од конкурсот на тема карневал што го организира струмичката библиотека, потоа изложба на фотографии од ланскиот карневал и традиционалниот концерт под маски на учениците од Музичкото училиште „Боро Џони“ од Струмица. Со традиционалниот маскенбал (8 март) и изборот на принц и принцеза на струмичкиот карневал традиционално официјално почнува карневалската забава во градот под Царевите Кули. Принцот и принцезата со кралот на струмичкиот карневал ќе ја предводат големата карневалска поворка (9 март) на интернационалната карневалска вечер и ќе го означат почетокот на годинашното издание на еден од најпознатите карневали на Балканот и во Европа.
Карневалските празнувања годинава продолжуваат со Детскиот карневал на Прочка, на 10 март на плоштадот во Струмица, а на 11 март е чист понеделник, кога традиционално се вари и се консумира бел грав. Истиот ден, ќе бидат објавени и резултатите за најуспешните маски од интернационалната карневалска вечер и отворена изложбата и доделени наградите од наградниот конкурс за карикатури и афоризми на тема карневал.
Традиционалното карневалско корзо, посетата на домовите на армасаните (верените) девојки, како и доделувањето на наградите на најдобрите карневалски маски ќе се одржи на 12 март.
Карневалските празнувања ќе завршат на 13 март со одбележувањето на тримерските обичаи и враќањето на клучот од градот од карневалистите на градоначалникот.