Главниот град Скопје доби карта на јавниот транспорт каква што имаат сите поголеми европски метрополи. Мапата, која стана хит на социјалните мрежи, ја изработи Александар Гижаровски кој по професија е софтверски инженер (програмер), додека по хоби е графички дизајнер.
Гижаровски за Радио МОФ вели дека картографијата е негова голема љубов и идејата се појавила откако размислувал за причините зошто Скопје нема прегледна логичка карта на јавниот транспорт.
„Картата во оваа форма ја склопив за 2-3 дена, и бидејќи ми се допадна резултатот, пратив порака до официјалната страна на ЈСП Скопје, од каде добив одговор дека ќе ми се јават во скоро време. Оттогаш помина повеќе од една година, повикот се уште го немам добиено. Откако случајно налетав на фајлот, го отворив, потсредив неколку работи и решив да го споделам на Фејсбук бидејќи сметав дека иако неофицијална, картата би можела да биде од корист на некого. Свесен сум дека има доста грешки во податоците, доста линии фалат, а на тие што ги има не им ја знам трасата напамет. За оние за кои не бев сигурен, се консултирав со пријатели кои ги користат тие линии“, вели Гижаровски.
Тој е задоволен што картата наиде на доста голема поддршка на социјалните мрежи и се надева дека луѓето ќе сакаат да ја испечатат и користат.
„Сите знаеме дека социјалните медиуми имаат огромна моќ што се однесува до пропагацијата на идеи. Задоволен сум што картата наиде на доста голема поддршка, и би бил презадоволен ако видам барем еден човек кој сам би си ја испечатил мапата и би ја користел. За ова да се случи, сметам дека е потребно да ја зголемам точноста на податоците, како и да ја преведам барем на англиски“, додава авторот на мапата.
Гижаровски вели дека во мапата додал и неколку желби, како што се ниските бротчиња за речен транспорт, како и долната траса на жичарницата, која се уште не е изградена. Овие градби според него се сосем изводливи и зависат само од волјата на надлежните институции за нивно воведување и изградба.