Изградбата на соларни полиња и користењето на сончевата енергија за производство на струја е еден од најефикасните начини земјава да ја намали зависноста од увоз на струја. Енергертската криза која нè очекува уште еднаш нè потсети колку земјата заостанува во искористувањето и инвестициите во алтернативните извори на енергија, особено сонцето кое го имаме во изобилие. Најновите олеснувања на постапката за поставување на фотоволтаици го разбудија интересот на инвеститорите, но експертите предупредуваат дека не смее да се дозволи тоа да донесе повеќе проблеми отколку бенефит. Од тие причини мора точно се дефинира која земја смее, а која не, да се употреби за изградба на соларните полиња, пишува Мета.
Производството на енергија од сонцето не смее да не остави без храна, а земјоделското земјиште мора да се заштити од желбите на инвеститорите. Пренамената на плодната почва во градежно земјиште не е непозната активност во земјава и досега многупати се докажала како погубна, предупредуваат еколошките активисти.
Невена Смилевска од „Еко свест“ смета дека олеснувањето на административната процедура за поставување на фотоволтаици заедно со зголемувањето на цената на електричната енергија треба да е поттик за домаќинствата и за правните лица да инвестираат во искористување на сончевата енергија. Оваа граѓанска организација подолго време зборуваше за потребата да се поедностави процедурата и искористувањето на сончевата енергија да стане многу подостапно и за граѓаните и за компаниите.
Смилевска вели дека е јасно оти оваа можност за голем број на граѓани кои влегуваат во ранливите категории и понатаму нема да биде достапна, но има голем број домаќинства и фирми кои се подготвени да инвестираат и треба да им се помогне на секој начин. На тој начин нема да се намали само нивната потрошувачка, туку ќе се намали потребата од нечиста енергија произведена во РЕК Битола и ќе значи генерално олеснување на зависноста на земјата од енергија која се увезува.
„Ова е дефинитивно чекор во добра насока. Но, има и еден негативен момент, што постои опција за пренамена на земјоделско земјиште во градежно и негово користење за поставување на фотоволтаици. Тоа е недозволиво. Земјата нѝ е потребна за производство на храна. Секако, дозволиво е комбинирање на овие две активности односно користење на сончевата енергија во процесот на производство на храна, но пренамена на ниви во земја за енергетска употреба, без разлика дали е приватна или државна сопственост е недозволиво. Земјиштето е ресурс што никој нема право да го уништува“, категорична е Смилевска.
Од Министерството за транспорт и врски велат дека земјиштето од земјоделско се пренаменува во градежно за изградба на објекти кои се предвидени со урбанистичко-планската документација. Посочуваат дека таа документација се прави во строго утврдени чекори и постапки со вклученост на сите засегнати страни, меѓу кои Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за животна средина, Агенцијата за катастар на недвижности, ЈП Национални шуми, општините и останати институции.
„Согласно Законот за градење за изградба на фотоволтаични електрани се издава одобрение за градење на градежно земјиште со намена фотоволтаични електрани во рамки на една градежна парцела, оформена со Урбанистички план или проект согласно Законот за урбанистичко планирање. Кога станува збор за поставување на фотоволтаични панели на кровна површина на објекти, согласно Законот за градење, се издава решение за градење како поедноставна процедура утврдена со закон“, велат во Министерството за транспорт и врски.
Според информациите од Регулаторна комисија за енергетика, пристигнатите барања за издавање на лиценца за производство на електрична енергија и издадени лиценци за производство на електрична енергија, само во текот на оваа година го надминуваат капацитетот на хидроелектраната Козјак со инсталирана моќност од 82 MW. Споредено со 2021 година, посочуваат од РКЕ, биле издадени лиценци за вкупно 16,6 MW.
Од Министерството за економија информираат дека по направените промени во Правилникот за обновливи извори на енергија со кој се отстранети пречките кои го отежнуваа процесот за поставување на фотонапонски електрани, при што вишокот на произведената електрична енергија се предава во системот – потрошувач производител, интересот кај граѓаните за поставување на фотонапонски панели на кров е значително зголемен.
Посочуваат дека во моментов е во тек измена на Програмата за промоција на обновливи извори на енергија за да се зголемат предвидените средства за надоместок, по што ќе биде објавен и огласот за субвенции. Сепак, до ова Министерство веќе пристигнале десетина барања за субвенционирање на трошоците за веќе поставени фотонапонски панели со инсталирана моќност од околу 30 kW.
„Граѓаните се известени дека по објавување на повикот треба да аплицираат. Министерството подготвува прирачник за поставувањето на фотонапонските електрани на кров кој наскоро ќе биде објавен на веб страната. Што се однесува до инвестирањето во фотонапонски електрани од страна на приватни инвеститори, интересот е огромен. Министерството постојано е отворено за заинтересираните инвеститори кои се упатуваат на потребните чекори за инвестирање и прирачникот“, велат од Министерството за економија.