Со број посветен на инклузијата излезе од печат јубилејното 50-то издание на „Лице в лице“, списанието за одржлив развој кое веќе десет години промовира социјално претприемништво.
„Лице в лице стана препознатливо во земјава со тоа што продавачи на списанието се претставници од најранливите групи во македонското општество. Половина од сумата на списанието ја добива продавачот, а другата половина се користи за печатење и за активности кои го подобруваат животот на маргинализираните групи.
Отворањето на бизниси во земјава за создавање инклузивна работна средина, бизниси свртени кон вработените и кон животната средина, освен кон профитот, е, исто така, промена на патот кон создавање поодржливо општество, вели Климентина Илијевски, главна уредничка на „Лице в лице“ и извршна директорка на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“, иницијатор на програмата социјално менторство.
„Затоа овој број им го посветуваме ним, на претпријатијата што се двигатели на промени, кои се стремат кон одржливо лидерство, кои ја разбираат улогата на бизнисот во создавањето подобро општество, претпријатија што применуваат професионално менторство за кое зборуваме низ страниците на овој број. А промената се крие во малите чекори. Во малите јасни одлуки да се тргне во нова насока, различна од стариот шаблон на однесувања на кој сме навикнати да се движиме со години“, вели Илијевски.
Низ бројки, 10-тиот роденден на „Лице в лице“ се одбележува со 50 изданија, 3.200 инклузивни страници, 150 вредни продавачи низ улиците на осум градови во земјава, 250.000 испечатени примероци и огромен број соработници и поддржувачи.
Јубилејното, 50-то издание ја означува и 10-годишнина од основањето на платформата за одржлив развој „Лице в лице“. По тој повод од платформата најавуваат дека до крајот на годината ќе се одржи и настан со кој ќе се одбележи партнерското дејствување на сите пријатели, поддржувачи, сојузници на „Лице в лице“, кои низ годините наназад се приклучуваа на мисијата за кокреирање инклузивно и праведно општество.
„Страниците на овој број ја носат перспективата за едно праведно и инклузивно општество во кое секој граѓанин има еднакви можности за работна реализираност, но, не само при влез на своето работно место, туку и при создавањето адекватни услови за позицијата која ја има“, велат од „Лице в лице“.
Дизајнот на насловната страница на 50-от број на списанието е дело „Контура“, а на другиот кавер е модната дизајнерка Ирина Тошева, фотографија на Томислав Георгиев.