На прегледот пред примање вакцина против Ковид 19 веројатно ќе бидете предупредени за можни несакани ефекти како треска, главоболка, болка во раката на ден, два… Промените во менструалниот циклус нема да се појават на списокот, пишува БиБиСи.
Но, жените ширум светот преку интернет почнаа да прашуваат дали подранетите, потешки или поболни менструации може да бидат ненаведена реакција на вакцината.
Доктор Кејт Кленси, медицински антрополог, го сподели на Твитер своето искуство со невообичаено тежок период по примањето на вакцината Модерна, а како одговор доби десетици слични коментари. Со поранешната колешка д-р Катрин Ли, таа започнала истражување во кое се документираат искуствата на луѓето со овој проблем.
Сè уште не се знае дали вакцината ги предизвикува овие промени – досега тоа не е проучувано. Можно е жените по вакцинацијата да ги забележат или да си ги препишат овие промени особено кога слушнале за искуствата на другите.
Но, д-р Викторија Мале, репродуктивен имунолог од Империјал колеџ во Лондон, забележува дека некои жени во периодот на пост-менопауза и луѓе кои земале хормони за запирање на менструациите, пријавиле крварења. Оттука и сомнежот дека дека може да има ваква реакција.
Голем број транс-мажи и жени во пост-менопауза, кои вообичаено немаат менструација, стапиле во контакт со Кленси и Ли велејќи дека доживеале крварење по вакцината.
И, иако врската е недокажана, има логични причини вакцината да предизвика промени во менструалниот период – но овие промени не се загрижувачки, велат специјалистите за репродукција. Иако болни или неочекувани периоди можат да вознемират, тие не се знак на какво било долгорочно оштетување.
Слузницата на матката е дел од имунолошкиот систем -имуни клетки во скоро секој дел од телото. Имуните клетки играат улога во градењето, одржувањето и разградувањето на слузницата на матката – која се подготвува за бременост, а потоа се исфрла во форма на менструација ако јајце клетката не е оплодена.
По вакцинацијата, многу хемиски сигнали кои имаат потенцијал да влијаат на имуните клетки кружат низ телото. Ова може да предизвика мали крварења или подранети периоди, објаснува д-р Мале.
Сепак, докторите велат дека ова не значи дека има врска со спонтани абортуси – за време на бременоста, различни процеси ја одржуваат обвивката на матката, вклучително и присуството на плацентата – органот што го поврзува фетусот со снабдувањето со крв од неговата мајка.
Додаваат дека промени во менструацијата може да има и при влијание на некаква нфекција, на пример кога некој има треска.Постојат и некои докази од претходната студија дека луѓето со знаци на воспаленија имале поболни периоди. Вакцините, исто така, предизвикуваат воспалителен одговор во организмот – сето тоа е дел од имунолошкиот систем што се активира и почнува да произведува антитела и други клетки кои се борат против болести.
Постојат докази и од вакцините против грип и од ХПВ дека тие можат привремено да влијаат на менструалниот циклус – без долгорочни несакани ефекти.
А има „куп докази“ што не влијаат на плодноста, децидна е д-р Мале.
Иако овие промени не треба да бидат загрижувачки, д-р Мале и други експерти ја нагласуваат потребата од студии за влијанието на вакцината врз менструалниот период, за луѓето да знаат што да очекуваат.
„Тука се јавува прашањето за тоа колку често се игнорира здравјето на жените“, вели таа.
„Замислете ако не знаевте дека треската (температурата) може да биде несакан ефект на вакцина? напиша гинекологот д-р Џен Гунтер.
„Можеби ќе бидете загрижени дека нешто лошо му се случува на вашето тело, кога сето она што го доживувавте било типична треска по вакцините. Тоа е сосема исто како и неправилностите во менструалниот циклус”.
Исто така, за транс-мажите и жените во менопауза, крварењето може да биде знак на рак, затоа е важно луѓето да знаат дали се работи за овој безопасен несакан ефект на вакцината, објаснува д-р Ли.
Извор: БиБиСи