Промо настан за „Под земја полесно се дише“ во Котур на 16 декември

Понеделнички во „Котур“ ќе се случи промотивен настан за јубилејното 10-то издание на фестивалот „Под земја полесно се дише“.

„Набавете си со време врвно квалитетни печатени маици и торби и поддржете ја независната уметничка сцена што секој декември го размрдува скопскиот тежок застоен смог со атрактивна музичка и уметничка програма“, стои во најавата.

Ќе свират „Филис енд френдс“, а ќе пуштаат музика скопските фраер.к.и Марина, Ишџан Твин, Ајнур и Сали.

Инаку, „Под земја полесно се дише“ е еден од најзабележителните супкултурни и андерградунд фестивали во Скопје, организиран од колективот „Кула“. Обично опфаќа концерти, изложби, печатени уметнички изданија, односно културно инхалирање свежа продукција од областа на визуелните и музички уметности.

Се’ се одржува под земја, во гаражен простор.

По пауза од две години поради пандемијата, „кулаши“ се вратија со фестивалот во 2022-ра и повторно го организираат на крајот на секоја година.