Промоција и изложба на „Ветерната приказна“ на 12 април

На 12 април (среда) во Мултимедијалниот центар Мала станица на Националната галерија ќе се одржи промоцијата на книгата „Ветерната Приказна“ на Ника Гавровска.

Со почеток во 19 часот, промоцијата ќе биде придружена и со изложба на илустрации за книгата на Наташа Андонова.

„Свет на густа памучна магла. Малата Верта и нејзиниот дедо живеат во светилникот на Ветерниот залив, а Ветерот никаде го нема, освен во приказната што дедо ѝ секоја вечер ѝ ја раскажува, приказната за денот кога Ветерот исчезнал. Тоа е истата приказна во која е втемелена митолошката матрица за Големиот Почеток, за преобразбата на јазикот, за песната на китовите, за Ветерните и за раѓањето на Ветерот. Не очекувајте го во ‘Ветерната приказна’ традиционалениот судир меѓу Доброто и Злото. Силата на природата никогаш не може да биде зла, но и природата на човекот, не е секогаш добра“, се посочува во најавата за настанот.

„Ветерната приказна“ припаѓа на современата книжевна фантастика, велат организаторите и додаваат дека како спој од мит и сказна, таа е и книжевна адаптација на документаристичка предлошка.

„Покрај обземеноста на авторката од значајните современи егзистенцијални прашања за човековата одговорност, кон заедницата и кон природата, „Ветерната приказна“ е сепак четиво на универзални теми во кои се кријат заедничките желби и судбини на човештвото, како што се осаменоста, дарежливоста, љубовта и заборавот. Токму потрагата по трајни вистини и вонвременски пораки ја прави „Ветерната приказна“ современа сказна, а илустрациите на Наташа Андонова како интегрална компонентна на авторската замисла ја преобразуваат во уникатна графичка новела за млади читатели втурнати во повеќеслоен предизвик на читање на вербалната и визуелната порака и надвор од страниците на книгата“, се додава во најавата за настанот.

Ника Гавровска е главен уредник на издавачката куќа „Гаврош“, книжевен преведувач и раскажувач на приказни за деца. Автор е и на сликовницата „Бел“, илустрирана од Ристо Аврамовски, илустрираната бајка „Бамбино“ во соработка со Никола Радуловиќ и визуелниот зборовник „Збор по збор“ со Наташа Андонова.

Наташа Андонова е ликовна уметница, илустраторка, костимографка и сториборд артист. Автор е на илустрациите на „Страшна ноќ“ од Славко Јаневски, „Светот на кукларството“ од Љубица Велкова и „Збор по збор“ од Ника Гавровска.

Ветерната приказна“ е дел проектот Патиштата на хероите поддржан од програмата Креативна Европа на Европската Унија.