Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) утре (6 декември) во 12:00 часот ќе ја промовира ревијата „Стожер“.
На промоцијата на месечната ревија за литература, култура и уметност ќе се обратат претседателот на ДПМ, Христо Петрески и Славчо Ковилоски, главниот и одговорен уредник на ревијата.
Во трите броја подготвени од новата редакција, која освен Ковилоски ја сочинуваат Лилјана Пандева, Даниела Андоновска-Трајковска, Лејла Емин Шериф и Стефан Марковски, се објавени стотина прилози од вкупно 70 автори.
Освен новини во Редакцијата, од ДПМ соопштуваат дека ревијата има и нов графичко-технички дизајн, како и нови рубрики (Хроника на ДПМ, Литературни вести од светот и од Македонија итн.)
„На страниците на „Стожер“ оваа година се одбележани низа јубилеи (Владимир Костов, Горан Стефановски, Васил Иљоски итн.), повеќе студии и осврти, есеистички записи, прозни и поетски остварувања, епистоларни обраќања и сл. За истакнување е што од број 144, прилозите на ‘Стожер’ се индексираат и се евидентирани во заедничката интернетска библиографска платформа COBISS, на која се поврзани преку 1390 библиотеки од Балканот. Ова овозможува вмрежување и прегледност на сите објавени прилози на нашите страници со едноставно впишување на името на авторот или насловот на делото. Со тоа, имињата и делата на македонските писатели стануваат дел од глобалната мрежа на информации и лесно достапни за пребарување“, велат од ДПМ.